Димитров: Европските стандарди треба да ги постигнеме дома

Шефот на дипломатијата Никола Димитров на покана на Советот за регионална соработка, учествуваше на он-лајн дебата на тема „Балкан барометар 2020: Формата на нештата што следат“, во рамки на панелот „Дали бизнисите и граѓаните од Западен Балкан се задоволни од целокупната ситуација во регионот и како влијаеше на нив појавата на Корона“.

– Во март светот се соочи со неверојатен предизвик – пандемијата, но истовремено се случија и историски работи за нас – ЕУ потврди дека Северна Македонија со своите реформски перформанси во последните три години заслужи зелено светло, а НАТО и формално не’ прими како 30-та полноправна земја членка, рече Димитров.

Истакна дека ниту ние, ниту регионот немаме луксуз да не продолжиме да ги спроведуваме историските достигнувања од март за да им овозможиме на нашите граѓани конечно дома да ги практикуваат европските стандарди. – Луѓето сакаат да видат европски стандарди дома. Имаме доста работа тука во регионот за да го постигнеме тоа, рече Димитров.

На настанот, покрај Димитров учествуваа и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, Гент Цакај, вршител на должноста министер за надворешни работи на Албанија, Волфганг Ишингер, поранешен амбасадор и дипломат на Германија и претседавач со Минхенската конференција за безбедност, Геновева Руиз Калавера, директор во одделот за Западен Балкан во рамките на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕК, а во улога на модератор беше Мелинда Брегу, генералниот секретар на РСС.

Ишингер, во својство на претседавач со Минхенската конференција за безбедност рече дека иднината на земјите од Западен Балкан несомнено е во Европската Унија.

– Нашата и ваша иднина е во Европа. Патот кон членство во ЕУ сега е отворен. Сметајте се себе за идни и активни членки на ЕУ, истакна Ишингер.

Додаде дека нерешените прашања во регионот, посочувајќи го прашањето меѓу Србија и Косово, ќе се стремат да ги вклучат на Агендата на Минхенската безбедносна конференција, што треба да се одржи во февруари 2021 година.

Дискусијата послужи за промоција на изданието на Балкан Барометар 2020, значајна алатка за сондирање на мислењата на јавноста и бизнис заедниците, лансирана со цел да го следи влијанието на регионалните активности имплементирани во рамки на Стратегијата ЈИЕ 2020 на RCC, кога станува збор за социјални, политички и економски фактори, кои влијаат врз животот во ЈИЕ.

Истовремено настанот послужи да се направи пресек на напредокот на Западен Балкан во развојот на регионалната соработка, европската интеграција и агендата за реформска трансформација.

Балкан барометарот го финансира Европската Унија. Балкан барометар 2020, е годишно истражување на јавното мислење и на економисти кое го спроведува РСС, се занимава со перцепции и очекувања во поглед на животот и работата, преовладувачки општествено-економски и политички трендови, како и регионална и европска интеграција на Западен Балкан. Во изданието за 2020 за првпат се претставени перцепции и мислења за влијанието на пандемијата на вирусот Ковид-19.

Back to top button
Close