Димитров и Нуредини учествуваа на 5-от состанок на Секторскиот мониторинг комитет​

 Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска ко-претседаваше со 5-от состанок на Секторскиот мониторинг комитет за животна средина во рамките на ИПА II.
Како што соопшти СЕП, повеќегодишната оперативна програма за 2014-2020 во секторот животна средина и климатски акции беше во главниот фокус на состанокот. Станува збор за портфолио од 47 проекти и приближно 135 милиони евра ИПА средства кои државата треба да ги искористи, а проектите да ги стави во функција најдоцна до 2025 година.
-Со објавувањето на новите иницијативи од Европската Унија, Европскиот и инвестициски план, како и Зелената агенда за земјите од Западен Балкан станува јасно дека времето на комфорност заврши и дека имаме огромна шанса преку ЕУ фондовите да ги обезбедиме европските стандарди во нашето секојдневие. Со фокус на чистиот воздух, чиста вода за пиење, третман на цврст отпад, заштита на биодиверзитетот, нашата цел е со помош на Унијата да обезбедиме подобар и здрав живот за македонските граѓани, рече Димитров.
На состанокот на кој што учествуваше и ресорниот министер за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, беше разгледан напредокот во спроведување на проектите за изградба на колекторски систем во Скопје, изградба на пречистителни станици за третман на отпадни води во Битола и Тетово, проширување на канализациската мрежа во Кичево, изградба на интегрален систем за третман на цврст отпад во источниот и северноисточниот регион, како и проекти кои помагаат во процесот на хармонизација на македонското законодавство со европското acquis.
-Благодарни сме за поддршката што ја добиваме од Европската Унија, посебно за финансиската помош обезбедена со ИПА програмата. Преку овие инвестиции не само што ќе се заштити животната средина, туку исто така ќе се унапреди квалитетот и стандардот на животот на нашите граѓани, истакна Нуредини.
Состанокот се одржува еднаш годишно и служи за отворање на прашањата во присуство на членовите на комитетот за портфолиото на проекти во животна средина. Форумот на комитетот ги опфаќа претставниците на надлежното министерство, на Делегацијата на ЕУ, на Министерството за финансии, донаторите и невладините институции. Со ова присуство се овозможува транспаретна и отворена дискусија која треба да ги даде насоките и акциите за таргетирано дејствување во наредниот период.

Back to top button
Close