Димитров: Не секогаш ја добивам поддршката од МНР

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, вели дека не секогаш ја добива поддршката од Министерството за надворешни работи во однос на неговите активности.

Тој во интервју на Телма, наведе и пример дека при неговите посети во Латвија и Литванија изостанало присуство на претставник од дипломатско-конзуларното претставништво што ги покрива овие две земји.

„Во смисла на координација, го информирам секогаш Министерството за надворешни работи, но не секогаш добивам поддршка каква што би сакал да добивам, дури и во однос на логистика на патувања. На пример, сега во Латвија и Литванија немаше претставник од дипломатско-конзуларното претставништво што ги покрива овие две држави, а ги покриваме од амбасадата во Варшава, Полска“, вели Димитров.

Тој додава дека ова не е вообичаено, особено што во Литванија имал средби и со тамошната премиерка.

„Тоа не ми се допадна многу, но еве првпат го соопштувам јавно. За да бидеме ние подобри треба овие работи да ги отвораме и да ги разговараме јавно. Амбасадите не се ниту на Никола, ниту на Бујар Османи, туку се претставништва на државата“, вели Димитров, коментирајќи ги разидувањата со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Back to top button
Close