Димитров: Нема поголем предизвик од тоа да го водам најсуштинскиот и најважен државен процес
– Досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров кој во новата Влада треба да го преземе вицепремиерското место за европски прашања, преку свој Фејсбук профил порача дека му било чест што во изминатиот мандат како шеф на дипломатијата бил дел од историскиот пробив со членството во НАТО и зеленото светло за преговори со ЕУ, со што се зацврстени државноста, темелите и безбедноста на земјата и отворен патот европските стандарди да ги донесеме дома.
Тој им искажува јавна благодарност на сите вработени и соработници во Министерството за надворешни работи, но и на сите кои, како што вели, му давале поддршка и мудрост кога му било најтешко.
– Човек е силен и способен толку колку што му се силни и способни тимот и пријателите. А токму на патот што допрва не’ чека сплотеноста ќе биде клучна. За мене, како човек кој целиот професионален живот го посвети на оваа идеја нема поголем предизвик од тоа да го водам најсуштинскиот и најважен државен процес. Ова е мојата должност, но и должноста на нашата генерација – да ги зацртаме чекорите, да ги впрегнеме најспособните и под светлото на процесот од ден на ден да се менуваме. Му благодарам на идниот премиер Зоран Заев и на СДСМ за довербата да бидам номиниран за вицепремиер задолжен за европски прашања, а вам ви ветувам дека од првиот ден ќе дадам се’ од себе за успешно да ја зграпчиме оваа историска шанса. Одиме напред и ќе бидеме светол европски пример. Одиме напред, таму каде припаѓаме!, наведува Никола Димитров во објавата на ФБ.