Димитров од Отворен Балкан: Резултатите се клучни за проширувањето на оваа иницијатива

 Во српското Народно собрание во Белград денеска се одржа конференцијата „Отворен Балкан – Пат кон стабилизација, соработка и просперитет на регионот“ на која онлајн обраќања имаа вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, премиерката на Србија Ана Брнабиќ, премиерот на Албанија Еди Рама и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, заменикот помошник секретар Габриел Ескобар, јави дописникот на МИА од Белград.

Димитров во обраќањето посочил дека неговото искуство во билатералните спорови го научило оти умешноста во надминување на отворените прашања во регионот е дивергентните позиции да се претворат во конвергентни интереси и дека клучот за посилен Западен Балкан е оној што создава инклузија и интеграција, а „Отворен Балкан“, подвлекол, како што кажува самиот назив, е токму во таа насока.

– Живееме во регион што долго време е премногу потонат во историја и како што покажува случајот со мојата земја, дека овие прашања можат да предизвикаат целосен застој на европскиот пат. Треба да изградиме стратегија за приближување преку испраќање порака дека сме регион кој испорачуваме решенија наместо проблеми, дека сме ориентирани кон иднината, наместо заглавени во минатото, изјави Димитров во своето онлајн обраќање.

Регионалната соработка во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, нагласува тој, не е алтернатива на европската интеграција, напротив таа е во функција на европската интеграција.

– Меѓутоа, ефектот на одложување има силно влијание врз нашата внатрешна политика и го прави уште поголем предизвикот да се задржи европскиот курс. Дури и без пристапните преговори или со нивна намалена динамика од аспект на приближување кон ЕУ, ние мораме и понатаму да работиме за да ги реализираме европските стандарди и вредности, кажа Димитров.

Во врска со приклучувањето на останатите земји во оваа иницијатив, Димитров оцени дека целиот регион страда од синдромот на „имплементирачка болест“.

– Ова прашање на убедување на другите, мислам дека два збора со кои може да се направи тоа се успешни резултати. Што повеќе резултати овозможиме, толку поочигледно ќе стане за другите дека е вредно да се приклучат, а за да биде успешна, мислам дека господинот Ескобар таа поента јасно ја направи, оваа иницијатива мора да остане отворена, и е отворена за сите заинтересирани, рече вицепремиерот Димитров.

Американскиот заменикот помошник секретар Габриел Ескобар изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, но веруваат дека оваа иницијатива нема да биде целосна без вклучување на сите шест економии од Западен Балкан.

Според него, во реализацијата на оваа иницијатива, Србија, Албанија, Северна Македонија ќе се соочат со многу предизвици, како што се контрола на границите по нивното отворање, подобра ефикасност на судовите, намалување на корупцијата, намалување на државната контрола врз економијата.

– Покрај тоа, важно е овие три земји што ја покренаа иницијативата да бидат многу отворени и да разговараат тесно со другите три партнери кои се скептични. Без шесте земји, оваа иницијатива не може да успее, кажа Ескобар.

Додаде дека се подготвени да помогнат на тој пат, сè да биде во согласност со меѓународните стандарди, да станеме, како што рече, партнери со Европа за да се осигураме дека овој регион ќе стане една од најважните економии во Европа.

Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека Албанија, Србија и Северна Македонија се одлучиле за иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи веќе не можат да ги чекаат ветувањата од ЕУ.

– Не можеме да ја чекаме ЕУ, тие можат да ветат нешто, па да не исполнат, па пак ветуваат, па не исполнуваат, зависи од нив… Не можеме повеќе да чекаме, мораме да одиме напред, кажа Рама.

Тој посочи дека оваа иницијатива не е создавање на нова Југославија или утешна награда за членство во ЕУ, туку дека ја надополнува европската интеграција, што значи дека членките на „Отворениот Балкан“ ќе бидат поспремни кога ќе дојде време за членство во ЕУ и оти во ЕУ ќе може да пристапат како целина.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека за Србија, покрај основниот надворешно – политички приоритет на европската интеграција, подеднакво се важни и регионалната безбедност, стабилност и просперитетен регион, што го носи иницијативата „Отворен Балкан“. Додаде дека е многу важно да се постигнат целите на иницијативата за слободно движење на луѓе, стоки и работна сила во регионот

Back to top button
Close