Димитров стана член на Европскиот совет за надворешни односи

Претседавачи на ЕФЦР моментно се Карл Билд, Лик Фрајс, Норберт Ротген, а меѓу членовите на бордот е Хавиер Солана

Вицепремиерот Никола Димитров стана член на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), водечка меѓународна тинк-тенк организација во чиј фокус е европската надворешна и безбедносна политика.

„Вистинска чест е да ја добијам оваа лична покана, која ја прифатив со огромно задоволство, бидејќи можноста да соработувам одблиску со колегите од Европскиот совет за надворешни односи, кои се ценети мислители и креатори на глобални одлуки, е голема привилегија“, изјави Димитров за поканата од копретседавачите на ЕЦФР да биде член на организацијата.

По тој повод, Димитров денеска во Скопје се сретна со заменик-директорката на ЕЦФР и раководителка на канцеларијата во Софија, Весела Чернева, со која разговараше за неговата улога како член во Советот и оптимизирање на можностите за соработка.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Димитров се заблагодари за честа да се приклучи на престижниот ЕЦФР и изрази уверување дека ќе работи посветено за да придонесе кон исполнување на мисијата на оваа уникатна платформа за поврзување на убедените Европејци.

„Верувам дека моите и лични и професионални цели, вредности и принципи се усогласени со оние на ЕЦФР, насочени кон создавање подобра, посигурна, побезбедна Европа за доброто на сите граѓани. Особено во време кога се соочуваме со сериозни глобални предизвици и настани кои менуваат светски текови и ги преиспитуваат столбовите на меѓународниот поредок“, изјави Димитров.

ЕЦФР обединува истакнатите високи претставници и експерти од областа на надворешната политика, во стратегиски ориентирана паневропска заедница. Актуелни претседавачи на Советот се Карл Билд, поранешниот шведски премиер и специјален претставник во мисии на ОН и ЕУ, Лик Фрајс, директорка на данскиот тинк-тенк „Европа “и Норберт Ротген, германски пратеник и претседател на Комитетот за надворешни работи на Бундестагот. Во бордот на ЕФЦР е и некогашниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Хавиер Солана. Член на бордот е и Иван Крастев, познат бугарски политички аналитичар и директор на Центарот за либерални стратегии во Софија.

Back to top button
Close