Димитров: За време на германското претседателство решени сме да го ефектуираме признанието добиено од ЕУ

Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска беше дел од онлајн-панел насловен „Што значи почетокот на пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија“, на која учествуваа и неговиот албански колега Гент Цекај и германскиот државен министер за Европа Михаил Рот.

Панелот го организираше фондацијата „Фридрих Еберт“, а Димитров, меѓу другото, порача дека државата е решена признанието добиено од ЕУ со одлуката од март за почеток за предговори со ЕУ, да го ефектуира во текот на германското претседателство со Советот на ЕУ, кое почнува ја 1 јули.

„Иако можеби долгоочекуваното зелено светло за почеток на пристапни преговори сите посакувавме да го одбележиме на начин на кој му прилега, можеби токму што се случи за време на кризата со пандемијата, додава на симболиката за тоа каде бевме и колкави планини изодевме, за да добиеме заслужена шанса да отпочнеме еден процес во кој ќе покажеме дека нашето место е во Европската Унија. И покрај сите неизвесности наметнати од пандемијата, ова недвосмислено признание дадено за време на хрватското ЕУ претседателство, решени сме да го ефектуираме понатаму со помош на нашите германски пријатели за време на нивното претседателство со Советот на ЕУ“ рече Димитров

На новата методологија според Димитров, гледаат како на голема можност а не на нешто од што треба да се плашиме. Би сакале, додаде, да им покажеме на скептиците дека со новата методологија проширувањето може да профункционира.

Во врска со изборите, Димитров рече дека земјава ќе стори се за тие да бидат фер и слободни, да добиеме добар извештај од ОБСЕ/ОДИХР и со тоа да му дадеме добар аргумент на Берлин да ни помогне.

Германскиот министер Рот, пак, порача дека интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, според него, е вин-вин ситуација, од која бенефит ќе имаат двете страни.

„Сите треба да работиме заедно. Членките на ЕУ треба да дадат согласност за преговарачката рамка базирана на новата методологија, а Северна Македонија и Албанија да продолжат со реформите и да ги забрзаат. Тоа е важно за двете земји. Некои членки на ЕУ ја потценуваат круцијалната улога на Западен Балкан за мир, стабилност и просперитет за сите. Тоа е вин – вин ситуација, не само за Западен Балкан, туку и за ЕУ“,рече Рот.

Тој рече дека Германија ќе остане силен поддржувач на проширувањето на ЕУ, иако нивното претседавање ќе биде под големо влијание на ситуацијата со ковид-19.

Back to top button
Close