Дипломатска пародија

Веднаш по семејната фотка во ренесансniot дворец недалеку од Крањ, нашиот премиер одлета на партиски митинг во едно  провинциско гратче, каде што го промовираше кандидатот за нов кмет. Таму повеќе го личи отколку на меѓународните форуми. Секако тој во овој момент придава повеќе значење на локалните избори, со кои прави платформа да ги добие, вонредните или редовните парламентарни избори. Тоа е секако актуелен приоритет. Затоа тивко замина во Крањ каде знаеше што го  чека и по правило беше целосно неподготвен. Од разговорот со бугарскиот претседател Радев во присуство на канцеларката Меркел и претседателот Макрон, разбравме само што глаголел Бугаринот. Нашиов само наведе дека Радев не ги разбрал пораките на  дуото ММ. Битно е дека тој ги разбрал. Тоа е сепак напредок од досегашните еуфорични очекувања пред секој самит на ЕУ или пак по секоја редовна промена на државите кои претседаваат со ЕУ. И самиот се огради нагласувајќи дека е подобро да се чека Дедо Мраз во декември кога е ладна зима (К.Монтено). Тој со својот тим отиде на Брдо кај Крањ, во многу  суптилна домашна ситуација, а и обременет со веќе редовните дипломатски скандали. Имено, еден наш дипломат се уште е во притвор поради се уште недокажаните  лукретивни дејности во православната Ерменија и кој изрази желба да биде екстрадиран во СРМ, односно да му суди независното македонско судство. Еден наш дипломат е протеран од Москва, со што амбасадата практично не може да функционира, а нашиот претседател на државата, воведува нова протоколарна практика на средби со странски амбасадори во државите кои ги посетува. Овој пат со американскиот амбасадор во Атина. Секако првата посета на еден наш амбасадор на Елада е настан, но не ми е јасно зошто посетата е прогласена како официјална, а не работна. При официјалните посети се потпишува значаен документ или се отвора нова перспектива во односите. Посетата повеќе беше во функција на афирмација на Грција, отколку наше поентирање. Посетата беше во предвечерјето на Самитот во Крањ, а непосредно пред тоа хирургот во улога на МНР, отиде кај Х. Мас, германскиот сојузен министер прогласен “за најлош министер за надворешни работи во Германија од 1945”. Toј цело време е во сенка на канцеларката А. Меркел и не може да се споредува со поранешните сојузни министри – В.Брант, Х.Д. Геншер или пак со Ј. Фишер, но затоа е прогласен за најдобро облечен маж во Германија во 2016 од германското издание на магазинот   GQ ( Американско модно списание за мажи).

 

Грција,  со Солунската агенда во  2003,  а потоа и со Самитот на ЕУ – З. Балкан  во 2014 наречен “Солун 2”, како домаќин единствено ја нагласи европската перспектива на државите од овој регион, со што само ја зајакна својата позиција во ЕУ, а во однос на  нашата држава и преговарачката позиција во финишот на решавање на прашањето на нашето уставно име. И во двете работи успеа.После Солунската агенда, ЕУ се прошири со две држави од поранешниот СЕВ , односно Варшавскиот договор и со две  држави  кои до 1918 му припаѓаа на Австроунгарското царство (КК монархија) а потоа беа и дел од југословенската федерација. Државите кои беа дел од Османското царство, се уште се пред портите на Брисел, со тоа што братските држави Србија и Црна Гора формално преговараат со Комисијата на ЕУ, но без видни придвижувања и ја делат судбината со останатите држави, вклучувајќи го и Косово за добивање на зелено светло за почеток на преговорите. Декларацијата од 06 октомври о.г. на Самитот во Крањ најреално ја отслика сегашната актуелна ситуација и која акварелски ќе ви ја насликам во 20 точки. Почнувам со главните поенти од Декларацијата кои ги соголуваат нашите  нереални очекувања, квалификации и атрибути а продолжувам за причините што премиерот З.З. од авиончето уште еднаш не ни испрати селфи со датумот за преговорите, како и за направените грешките на претходниците.

Декларацијата како да е пишувана во Софија (каде е Бучковски ?). Бугарија индиректно поентираше со  Декларацијата. Практично во точката 5. во која се потенцира “јакнење на добрососедските односи, вклучувајќи и со државите членки на ЕУ”  и нагласувањето на задолжителните решенија за билатералните спорови и прашањата на партнерите вкоренети во наследствата од  минатото. Во алинејата на Декларацијата се потенцира дека лидерите на ЕУ со согласност на лидерите на Западниот Балкан ја усвоиле Декларацијата.Исто така се потенцира   дека не се наведуваат рокови ниту датуми поврзани со продолжување на процесот на проширување на ЕУ.

Со тоа од раце ни се избиваат сите наши емотивни аргументи, дека демек ЕУ без нас не е комплетна и дека ЕУ не исполнува ветувања, за разлика од нас. Во истата точка се потенцира барање на опипливи резултати, вклучително и за  Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тука се гледа и дипломатскиот ракопис на Атина и Софија. Во точката 4.  се потенцира неопходниот напредок во владаењето на правото, тема во која ние сме, нели лидер во регионот. Значи во Декларацијата ништо посебно значајно за нас, освен по неофицијалниот    предлог на Словенија да до 2030 државите од Западниот Балкан  бидат примени во ЕУ. Тоа би било реално доколку процесот започне веднаш, бидејки просекот за примањето на нови членки, во подобри времиња траеше  шест до осум години. Ама ЕУ не дава повеќе датуми.Се опамети.

Чекајќи го Самитот на ЕУ во декември не е лоше да се потсетиме за причините поради кои сме на ова дереџе.

  • Доцна започнавме со процесите на европските интеграции (ЦЕФТА, ЦЕИ и други)а декларациите во Парламентот не беа доволни и  беа само алиби;
  • Доцна се приклучивме и доцна станавме членки на некои регионални интеграции, односно кога се изгуби нивното влијание;
  • Не ги валоризиравме доволно започнатите процеси. Бевме добри домаќини, благодареќи на нашата традиционална гостољубивост;
  • Имавме погрешни перцепции за аргументација на нашата позиција (антиквизацијата, потоа тврдењето дека немаме партнер со кого треба да разговараме, па време работи за нас);
  • Не го анализиравме целосно регионот и не бевме конзистентни во потезите за добрососедство. Политичкиот дуализам не секогаш делуваше позитивно во креирањето  на односите кон соседите;
  • Нашиот дипломатски капацитет во центрите на моќта не беше доволен за било какво лобирање, посебно во бриселската администрација;
  • Не посветивме доволно внимание на образување на кадри за идните ЕУ носители, дома и надвор;
  • Дипломатијата не беше европски професионална. Беше единствено алатка за опстојување на актуелните влади , лажно известувајќи за нашиот напредок и наводните наши успеси на домашен план. За надворешните теми не се осмелуваа да коментират. Главен извор им беше вујкото Гугл;
  • Од приемот во ОН се правеа дипломатски грешки под притисок и уцени, ама и од дипломатско незнаење;
  • За 30 години не успеавме да создадеме државотворен капацитет, национална стратегија и ресетирање на наследените проблеми со соседите;
  • Не ја почитуваме науката во политиката. Политиката повремено ја девалвира науката со мотив да остане на власта, а науката пак во политиката не гледа секогаш политика, туку гол прагматизам;
  • Мултилатералата ние во аут од почетокот на независноста, а не помогна ниту претседувањето на нашиот дипломат со Генералното Собрание на ОН, кое заврши незабележително и со големо понижување на истата личност при изборот на нов Генерален секретар на ОН;
  • Правиме кадровски дипломатски грешки. Мислевме дека со испраќањето на поранешни МНР за амбасадори ќе го зголемиме аутпутот на нашата дипломатија. Тие  требаше да посветат поголемо  внимание на институцијата со која раководеа, со што  ќе можеше, сите овие години,  да се избегнат дипломатските скандали кои ја потресуваaт палатата Сарафов;
  • Правиме грешки и во односите со соседите посебно оние кои се членки на ЕУ и НАТО. Бугарија сега тоа го користи како свој аргумент во блокадата на почетокот на преговорите на нашата држава за членство во ЕУ, објаснувајќи дека брани европски вредности;
  • Бугарија успешно ја спроведува политиката дека не постои билатерален спор со СРМ, туку дека станува збор за бранење на европските вредности. ЕУ тоа не го демантира;
  • Со Грција долго игравме на погрешна карта, односно стратегија. Имавме голем притисок и предизвик да го потпишеме Преспанскиот договор за да се отвори вратата кон НАТО и ЕУ. Тие кои секако го поздравуваат овој договор како и оној со Бугарија, бидејќи ќе имаат два проблеми помалку, но ние ќе имаме многу проблеми повеќе;
  • Многу беспотребни надежи полагавме во државите претседавачи со ЕУ,  наместо да се посветиме на вистинските реформи, кои вклучуваат и  професионална мала, но  квалитетна дипломатија;
  • Не ги разбираме процесите внатре во ЕУ, како и односите со нивните големи партнери. Попат направивме и непромислени грешки со аферата Тајван што резултираше со затворање на амбасадата во Скопје на постојана земја – членка на Советот за безбедност . Односите со Русија неоправдано се на сегашното најниско ниво, што кулминира со взаемно  протерување на дипломати.
  • Веднаш по потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија прв тврдев дека станува збор за политички споени садови (Архимед). Тоа го потврди и бугарскиот претседател Радев во Брдо кај Крањ, дека Нивици беше и за нив инспирација за зголемување на пленот;
  • После Самитот ЕУ – Западен Балкан нашата дипломатија, односно триото Заев,Османи и Димитров, не треба да трча по метрополите. Наместо да трчаат по македонските градови и села, нека се посветат на заклучоците од Декларацијата од Крањ. До декември нема ништо да се случи. Западниот Балкан се третира глобално. Ништо нема да се промени и со одењето на канцеларката А. Меркел. Макрон не се грижи кој ќе ја наследи. Има друг проблем од екстремната десница во сопствената држава, како и со најновите собитија со САД и со поранешните  колонии во Северна Африка.

Пишува: Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

Back to top button
Close