Дипломатски извори: Во завршната декларација на Самитот во Брдо се предвидува ЕУ да даде поддршка за проширувањето

 Поддршката на ЕУ за проширувањето се предвидува да биде спомената во завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо во Словенија, како и тоа да се каже дека Унијата ја реафирмира поддршката за регионот и има капацитет да прими нови членки, брифираат дипломатски извори од Брисел.

Во однос на прашањето меѓу Скопје и Софија, дипломатските извори исто така брифираат дека преговорите меѓу двете земји продолжуваат и ЕУ го поддржува тоа, како и оти се изнаоѓаат начини двете земји да го решат билатералното прашање со цел да се одржи првата меѓувладина конференција. Тие додаваат дека Самитот во ЕУ ќе биде добра можност лидерите на двете земји да се сретнат и да разговараат за ова прашање.

Дипломатските извори исто така наведуваат дека претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во неколку наврати спомена дека поддржува отпочнување преговори со Северна Македонија и со Албанија и охрабрува изнаоѓање решение за прашањето меѓу Скопје и Софија, како и за градење мостови помеѓу двете земји, но, според нив, во Бугарија има изборен процес и во моментов тоа ја отежнува ситуацијата.

Истите извори додаваат дека Самитот во Словенија е можност да се потврди поддршката за европската перспектива на регионот и потсетуваат дека ЕУ во моментов е најголем донатор, инвеститор и трговски партнер на Западен Балкан, и сето тоа дава јасна перспектива.

Вратата за членство во ЕУ не може да се каже дека е затворена, брифираат дипломатските извори од Брисел, но кога е во прашање проширувањето тоа е сложен процес и има бројни предизвици, важен е мерит системот, како и реформи, особено во борбата против корупцијата и криминалот и владеењето на правото.

Тие се согласни дека процесот на проширување е еден од најважните политики на ЕУ, но нагласуваат дека мора да е заснован на мерит системот, како и на консезус меѓу сите земји членки.

Back to top button
Close