Дипломатски пасош

(…)

4. Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) му даде рок од 15 дена на премиеротпремиерот Мицкоски да покаже документи дека патувањето и престојот на синот што го придружуваше во Вашингтон и Њујорк не е платено со пари од државниот буџет, туку со лични средства на семејството Мицкоски, како што соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

И поранешниот премиер Димитар Ковачевски си ја носеше ќерка му во Рим, а и синот и ќерката во Њујорк и Вашингтон. И тој тврдеше дека патните сметки за ќерка му и за синот се платени од семејниот буџет и ако треба ќе ги покаже сметките. Ама, никогаш не ги покажа.

А кој да им ги побара сметките? Оваа Антикорупциска комисија, чијашто претседателка Татјана Димитровска добила дипломатски пасош од МНР, а останатите шестмина членови доставиле барање и чекаат.

А кој ќе ги фати ако дипломатските пасоши ги користат за туристички патувања? Кој ќе ги контролира нив ако ги злоупотребат дипломатските пасоши?

Дипломатските пасоши ги издава Министерството за надворешни работи. И што ако треба утре овие членови на Антикорупциската комисија да отворат предмет за министерот за надворешни работи, ако има пријава за незаконско трошење државни пари? Сеедно е кој. Вчера бил Бујар Османи, денеска е Тимчо Муцунски, утре некој друг. Кој ќе ја отвори таа истрага? Антикорупционерите на кои тој министер им издал дипломатски пасош.

Законски, на членовите на Антикорупциската комисија им следуваат дипломатски пасоши оти се избрани во Собранието. Ама, каков пример даваат тие што треба да бидат најчесни и најмалку ранливи на поткуп? Членовите на претходниот состав на Антикорупциската комисија немаа дипломатски пасоши, па не сме чуле дека некој ги сопрел на граница кога патувале службено.

Е па, до толку им стига на антикорупционерите. До пасошите. Имавме специјална обвинителка што падна на чанти и тросед. Сега имаме членови на Антикорупциска комисија што паѓаат на поминување граница преку ред.

Многу патуваат. Одат на обуки за борба против корупција организирани од САД и од ЕУ. Што ги учат на тие обуки? Дека треба да си обезбедат привилегии прво за себе.

5. Пред две-три недели, во скопската населба Кисела Вода во лифт за тројца се беа заглавиле петмина, сосе екипа на Брзата помош. Ги спасуваа пожарникари.

Оваа недела, во Велес во лифт за тројца се заглавиле 12 луѓе. Осум возрасни и четири деца. Пак беа испратени пожарникари да ги спасат.

Ај овие петмината што успеале да влезат во лифт за тројца, ќе речеш, паника било, брза помош е во прашање. Ама, како ли успеаја во мал лифт да влезат 12 луѓе? Ај децата некако ги напикале, ама уште осуммина во лифт за тројца? Како ли изгледало тоа? Веројатно децата на ушка ги држеле.

Македонија не само што е повторно горда, туку почна и да им пркоси на законите на физиката.

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close