Директен лет Скопје-Прага трипати неделно, се враќа и линијата за Келн
Бенефити за граѓаните, бизнис секторот и туристичката индустрија се очекувањата од новата директна авиолинија Скопје-Прага на која од денеска сообраќа нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“. Ќе има летови секој понеделник, среда и петок. Во мрежата на дестинации на скопскиот аеродром од вечер дел ќе биде и рутата за Келн, со четири лета неделно на „Виз ер“, секој понеделник, среда, петок и недела.

– Оваа авиолинија е порака дека Македонија ги отвора вратите кон Европа и ја зацврстува поврзаноста со еден од нaјдинамичните региони. Летот на релацијата Скопје – Прага е резултат на визијата – Македонија да биде подостапна, отворена и конкурентна, рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на свеченоста по повод првиот лет од Скопје што се реализираше во 14:20 часот.
Божиновска сподели лично искуство од периодот додека живеелеа во Прага и немало директна авиолинија укажувајќи дека поврзаноста со Скопје била комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Поради тоа иницирала повторно воспоставување на линијата на која имаше директен лет од 2005 до 2012 година, а функционираше како сезонска од 2016 до 2018 година.
Како претседателка на Мешовитата комисија за економска соработка, на состанокот што се одржа во март годинава во Прага, ја иницирала оваа тема како конкретен чекор напред во билатералната соработка меѓу Македонија и Чешка. Иницијативата, како што рече, добила силна поддршка и од чешката страна и од домашните институции.
-Секоја нова дестинација што им ја отвораме за граѓаните е нова можност – за подобра економска соработка, за повеќе туристи, за побрз развој на бизнисот и за нови партнерства. Тоа е можност за поголема видливост на Македонија и посилно вклучување во европските економски и технолошки текови. Авиосообраќај не е изолиран сектор, тој е дел од пошироката слика, модерна инфраструктура, стабилна економија и одржлив развој. Како Влада, создаваме амбиент во кој ваквите авиолинии не се изолиран случај, туку се дел од долгорочна визија за поврзана, современа и конкурентна држава, рече Божиновска.
Според чешкиот амбасадор во државава Јарослав Лудва, воспоставувањето на директната авиолинија Скопје – Прага е важен чекор во продлабочувањето на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Република Чешка.
– Пред околу една година започнавме разговори на оваа тема и тогаш заеднички констатиравме дека е навистина неопходно да се воспостави директна авиолинија меѓу Прага и Скопје. Ќе ми биде многу мило доколку оваа дестинација ви помогне да ги откриете убавините на Прага и Република Чешка. И обратно, убеден сум дека моите сонародници ќе можат да ги откријат убавините на вашата земја, рече амбасадорот Лудва.
Андраш Радо, директор за комуникации во Виз ер соопшти дека цената на билет за летот Скопје – Прага во еден правец за јануари е 21 евро.
– Првиот лет што ќе се реализира е 100 проценти исполнет. Верувам дека оваа дестинација ќе биде успешна, ќе донесе многу туристи и ќе ја подобри економската соработка помеѓу двете држави. Посветени сме да имаме ниски цени и не се предвидуваат корекции во цените, рече Радо.
Тој посочи дека Виз ер го поврзува Скопје со 40 дестинации со директни летови и најави дека нивниот број ќе се зголемува.
Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија укажа дека со отворањето на оваа рута, се нуди нова можност за патниците, се поврзуваат Скопје и Прага и се создаваат можности за економска соработка, туризам, културни разменувања и развој на деловните врски.
-Среќен сум што директната линија ќе ја направи Прага уште подостапна за нашите граѓани и компании и истовремено ќе им овозможи и на чешките туристи и инвеститори полесно да ја откријат Македонија, рече Курт, истакнувајќи дека оваа авиолинија е плод на стратешка соработка и посветена тимска работа.
Со отворањето на новите линии од македонските аеродроми, посочи Курт, се создава стабилна, сигурна и модерна мрежа што ќе ја приближи Македонија со Европа и светот, а новата линија Скопје-Прага е важен дел од таа визија која ќе донесе значајни бенефити за граѓаните, бизнис секторот и туристичката индустрија.
Како што најави Курт, следната година се очекува раст од 20 проценти на авиосообраќајот од македонските аеродроми, со над 3,5 милиони патници. Минатата недела скопскиот аеродром го регистрираше тримилионитиот патник во една година.






