Директор на училиште со закани ги терал вработените да одат на митинзи
Директор на основно училиште преку мобилна апликација им вршел притисок на вработени да присуствуваат на партиски настани.
На тие кои биле со договор на дело пак, им се заканувал дека нема да им ги продолжи договорите доколку не присуствуваат на партиските настани.
Овој случај го обелодени Државната комисија за спречување на корупцијата, но не кажа ниту за кое училиште, ниту за која партија станува збор.
ДКСК пријавата веќе ја доставило до надлежната комисија за следење на нерегуларностите во текот на изборите до Јавното обвинителство.
Членовите ги прекинаа предметите за прекршување на Изборниот законик од страна на раководството на Правниот факултет во Скопје, бидејќи Факултетот донел одлука за утврдување потреба од вработување на 12 асистенти. ДКСК доставила барање до Факултетот за доставување на документација за наводите во пријавата, при што е утврдено дека на седница на Деканската управа на 30 септември е донесен заклучок да се одложи точката за утврдување на потребата за нов наставен кадар и истата да е одложена до крајот на ноември, односно почетокот на декември. Заменик претседателката на ДКСК, Цвета Ристова нагласи дека имајќи предвид дека точката е тргната од дневен ред и дека не е почната постапка за вработување нови лица нема потврда за прекршување на Изборниот законик, поради што членовите на ДКСК гласаа за прекин на предметот.
Членовите на ДКСК меѓу другото расправаа и за пријава за законски прекршувања на изборниот процес и на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, односно дека по распишување на избори деканот го свикал Научно – наставниот совет и бил извршен избор на тројца продекани.
Софија Спасова Медарска, членка на ДКСК, образложи дека по разладувањето на пријавата ДКСК констатирала дека истата не укажува на постапување спротивно на забраните содржани во Изборниот законик бидејќи не станува збор за постапка за вработување на нови лица или за прекин на работен однос, туку за избор на продекани, што се врши со тајно гласање од редот на вработените. Поради тоа и оваа постапка е прекината.
Членовите на ДКСК расправаа и по пријава поднесена против министерката за образование, како и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади и градоначалник за нарушување на изборната регулатива со посетата на ресурсен центар на средно училиште во Скопје на 1 октомври 2025, при што им доделиле училишни униформи и ранци на учениците. ДКСК констатира дека тие постапувале во својство на претставници на органите, со кои раководат, при што не биле прикажани партиски симболи или други материјали кои би укажувале на прекршување на Изборниот законик. ДКСК заклучи дека нема елементи за натамошно постапување