Директорката на Европол порачува: Треба да се следат парите на криминалците

Животната средина и областа на криумчарење мигранти се сфери во кои Европол има најдобра соработка со полицијата на Северна Македонија. Потребно е поголемо инвестирање и зајакната соработка во областите на економскиот и финансискиот криминал, порача во интервју за МИА извршната директорка на Европската агенција за спроведување на законот – Европол, Катрин де Бол.

-За да се разбијат криминалните организации мора да се следат нивните средства. Така што тука ни требаат дополнителни напори и тоа и ќе го направиме, вели таа во интервјуто и додава дека потребна е и постојана надградба во однос на киберкриминалот, поради брзо менување на тактиките и пристапи на криминалните групи.

За неопходноста од регионалната соработка во борбата против организираниот криминал, за тоа каде е потребно надградување за да се следат криминалните групи чии алатки се динамични, асиметрични, но и комплексни, говори во интервју за МИА Де Бол. Нејзината порака генерално е да се следат парите на криминалните групи.

 

Криминалните структури се секогаш чекор пред државата, без оглед на тоа дали станува збор за организиран криминал, трговија со луѓе, илегални миграции, трговија со наркотици… Колку е важно регионалното поврзување во борбата против организираниот криминал. Во овој контекст каде е и колкав е успехот на македонската полиција?

– Соработката помеѓу регионите во борбата против организираниот криминал е клучна затоа што единствениот начин да се разбие некоја криминална мрежа е да има добра мрежа на полициска соработка. Затоа сум тука. За нас регионот на Западен Балкан е од клучно значење за соработка. Со сите земји на Западен Балкан имаме оперативни договори за да можеме заедно да соработуваме во справувањето со организираниот криминал и во борбата против тероризмот. Северна Македонија беше првата земја во регионот со која Европол склучи оперативен договор во 2012 година, а од 2015 година имаме канцеларии за врски со Северна Македонија во седиштето на Европол. Соработката е многу добра на оперативно ниво, имаме директна интеракција со македонските полициски служби, имаме луѓе од полицијата во нашата канцеларија и заедно работиме на различни случаи во различни области од криминалот и постигнуваме добри резултати.

 

Заканите од криминалот се променливи, динамични, асиметрични и комплексни безбедносни појави, кои ги надминуваат некогаш и можностите за ефикасен одговор. МВР на Северна Македонија изминатиот период реализираше повеќе успешни акции со кои беа пресечени такви криминални групи. Како ја оценувате работата на македонската полиција и каде сметате дека треба да се вложи повеќе напор во работата?

Со македонската полиција ги разгледуваме можностите, кои се големите случаи на кои треба да работиме заедно. На пример, имаме добра соработка во однос на криминалот кон животната средина. Исто така имаме добра соработка со Северна Македонија во однос на криумчарењето мигранти. Поради вашата географска положба овде во регионот вие сте од клучно значење, како транзитна област, и илегалната миграција често се користи од групите на организиран криминал. Вчера имав можност да разговарам со шефот на полицијата овде во Северна Македонија, а денеска со министерот за внатрешни работи. Инвестирањето што ние го правиме од Европол и исто така од македонската полиција е повеќе инвестирање и истрага во областа на економскиот и финансискиот криминал бидејќи за да се разбијат криминалните организации мора да се следат нивните средства. Така што тука ни требаат дополнителни напори и тоа и ќе го направиме, а исто така во однос на киберкриминалот мора постојано да се надградуваме себеси и нашите можности, бидејќи, како што знаете, многу нови решенија се исто така користени од страна на криминалците, како на пример, енкрипцијата, шифрираната комуникација, и за полицијата е многу тешко да се справи со тоа. Тоа е исто така една област каде што треба да се надградиме.

 

Колку мигрантската криза, кога територијата на Република Северна Македонија беше маршрута по која мигрантите се движеа кон западните земји, ги отвори можностите на Балканот, па и во нашата држава за безбедносни ризици, екстремизам и разни видови криминал?

– Да, како што реков, имаме блиска соработка со Северна Македонија во однос на криумчарењето мигранти. На пример, имаше соработка помеѓу Северна Македонија и Грција со поддршка од Европол каде што им се помогна на кубански мигранти да поминат низ државата кон Европската Унија. Многу често се користат фалсификувани документи, тоа е исто така една област што треба да се следи и тоа и го правиме. Во однос на тероризмот, исто така имаме добра поддршка од Северна Македонија, но тоа не е секогаш поврзано, туку е посебно прашање.

 

МВР има издадено над 100 меѓународни потерници за лица кои се бараат по разни основи. Зошто е толку тешко тие да се пронајдат во услови на развиени комуникации, каде се пречките?

– Луѓето кои сакаат да се кријат, имаат можности да се кријат. И многу е тешко за институциите за спроведување на правдата да ги најдат. Затоа, исто така е клучна меѓународната соработка, размената на информации, билатерално со полициски канцеларии, со Европол, со Интерпол, секој има тим што е во потрага по луѓе кои се обидуваат да избегаат од правдата. На интернационално ниво, тука треба да соработуваме. На пример, во Европол имаме листа на најбарани луѓе во ЕУ, секоја земја става криминалец од висок ранг или бегалец на таа листа, а потоа работиме заедно и со помош на јавноста, како некој вид здружување во обидот да се пронајдат и постигнуваме многу успех, но, се разбира, не е секогаш лесно.

Какви се можностите за учество на МВР во проекти каде веќе се развиени нови алатки за борба против криминалот во животната средина, трговијата со оружје и дрога, финансиски и економски криминал, борбата против екстремизмот?

– Македонската полиција е многу активна и секоја година станува сè поактивна во заедничките европски проекти, како на пример, EMPACT, во врска со сите области на криминал што ги споменавте. Северна Македонија е исто така многу активна и во Joint Action Days – операции што се организирани од Европската Унија, Западен Балкан каде заеднички се врши, на пример потрага по оружје, при што сите земји членки и партнери треба да постигнат конкретни цели. Северна Македонија е многу активна во тоа. Исто така имаме многу иновативни алатки во Европол и кога Северна Македонија врши истрага со други земји, а Европол може да обезбеди поддршка. Таа поддршка може да се искористи, на пример, платформата за декрипција што ја имаме во Италија, за да помогне во истрагата, имаме тимови за форензичка поддршка, кои може да им помогнат на вашите иследници. Гледаме дека Северна Македонија прави сè за да ги заштити граѓаните тука во земјава и сме горди што може да помогнеме во тоа и што ја имаме довербата на македонската полиција.

 

Која е Вашата порака до македонската полиција, во која насока треба да се движат во борбата против криминалот?

– Македонската полиција е веќе на високо ниво во соработката со Европол. Сега треба да се утврдат следните чекори и да се следат парите на криминалните организации.

 

 

 

 

Back to top button
Close