Директорот на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, закажа прес-конференција за 14 часот
По вчерашниот инцидент во Македонската навигација (М-НАВ), каде што неколку лица и вработен во Навигацијата упаднаа во институцијата и нападнаа друг вработен, претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ, Фахрудин Хамиди, за денеска во 14 часот закажа прес-конференција која, како што е најавено, ќе се одржи пред административните простории на М-НАВ АД Скопје на улица „Македонија“ бр 25, Палата „Лазар Поп Трајков“.
Од Министерството за внатрешни работи синоќа информираа дека по упадот во Македонска навигација четири лица поврзани со настанот се во полициска станица и со нив се вршат службени разговори. Засега официјално не е познат точниот број на лица кои упаднаа во Навигација, но според она што досега од познато од соопштенијата на МВР, најверојатно станува збор за осум лица.
Упадот во М-НАВ се случи вчера попладне непосредно по прес-конференцијата на лидерот на Струковиот синдикат на контролорите на летање, Александар Тасевски, на која тој информира дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.
Како што рече Тасевски, по упадот, возилата со кои лицата дошле во кругот на зградата на М-НАВ воопшто не биле спречени од двојното обезбедување да му пристапат на објектот. Тие го поминале и обезбедувањето кое го врши надворешна фирма, но и обезбедувањето на М-НАВ.
Како што објави СДК.мк, лицата што упаднале во објектот на Македонската навигација се членови на ДУИ. Групата наводно била лута оти поддршка на првиот синдикалец Тасевски на прес-конференција му дале и контролорите етнички Албанци.