Директорот на Онкологија потврди: Има привремен недостиг на дел од терапиите, причината е доцнење во испораките


По реакциите на пациентите дека на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија недостигаат терапиите Золадекс, Фулвестрант и Ексџева, директорот на Клиниката, д-р Игор Стојковски, за „Скопје1“ потврди дека во моментов постои привремен недостиг.

Според него, причината е доцнење во испораките од страна на дистрибутерите, а Клиниката е во постојана комуникација со нив за што поскоро да се надмине состојбата.

„Во моментов има привремен недостиг поради проблеми и доцнење во испораките од страна на дистрибутерите. Клиниката е во постојана комуникација со нив и, според добиените информации, лековите ќе бидат повторно достапни во најскоро време“, изјави директорот Стојковски за „Скопје1“.

Тој додава дека Клиниката работи на што побрзо нормализирање на снабдувањето.

„Работиме на што побрзо нормализирање на снабдувањето. Во меѓувреме, секој пациент се разгледува индивидуално од надлежниот онколог за да се обезбеди соодветен континуитет на лекувањето“, посочува Стојковски.

Претходно, пациентите преку групи на социјалните мрежи реагираа дека недостигаат терапиите Золадекс, Фулвестрант и Ексџева, кои се користат во лекувањето на одредени видови рак на дојка и кај пациенти со проширена болест на коските. Тие изразија загриженост дека одложувањето на терапијата може да влијае врз текот на лекувањето, а според нивните информации, од Клиниката им било кажано дека лековите се очекуваат во наредните недели.

Back to top button
Close