Директорот на ТАВ Македонија, Батак, ја прими ASQ-наградата за скопскиот аеродром од Meѓународниот Совет на Аеродроми

Меѓународниот Аеродром Скопје по седми пат ја доби наградата „Најдобар аеродром од 2 до 5 милиони патници во регионот Европа“. Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак, синоќа на свечена церемонија во рамки на Самитот за искуство на патниците, организиран од Меѓународниот Совет на Аеродроми, во Краков, Полска, ја прими ASQ-наградата за квалитет на аеродромски услуги за Меѓународниот Аеродром Скопје, за 2021 година.

ТАВ Македонија ја доби наградата во оваа категорија претходно за 2020, 2019, 2018, 2015, 2013 и 2012 година.

Меѓународниот Совет на Аеродроми го награди Меѓународниот Аеродром Скопје со уште едно признание за 2021 година – „Најдобри хигиенски мерки во регионот Европа”.

– Почестен сум и горд што ја примив наградата „Најдобар аеродром од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот Европа” за Меѓународниот Аеродром Скопје за 2021 година, како и наградата за “Најдобри хигиенски мерки во регионот Европа”, овде во Краков, на Глобалниот самит за искуство на патниците. Со тоа што учестуваат во анкетата за квалитет на аеродромските услуги и со тоа што ги оценуваат услугите на скопскиот аеродром, нашите патници практично ја потврдија напорната работа и посветеноста на ТАВ Македонија за подобрување на нивното задоволство како клиенти. И покрај тоа што 2021 година беше година кога сè уште силно се соочувавме со ефектите од глобалната пандемија, ТАВ Македонија заедно со сестринските компании – BTA (храна и пијалаци), ATU (бесцарински продавници), TAV MOS (Комерцијални услуги), TAV Technologies (ИТ услуги), Euroclean (Услуги за одржување хигиена), заеднички вложија натчовечки напори за да обезбедат додадена вредност на патничкото искуство на скопскиот аеродром. ТАВ ќе продолжи да ги следи трендовите во индустријата и да ги исполнува очекувањата на патниците, бидејќи задоволството на клиентите е една од нашите главни цели, изјавил Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.

Од ТАВ Македонија појаснуваат дека како учесник во Програмата на Меѓународниот совет на аеродроми [Airports Council International – ACI World’ Airport Service Quality (ASQ) Program] за истражување на мислењата на патниците за квалитетот на аеродромските услуги, Меѓународниот Аеродром Скопје се натпреварува со аеродроми во својата големина од два до пет милиони патници годишно во регионот на Европа, со што во 2021 година, овој панел за истражување на ACI, се состоел од вкупно 11 аеродроми: Аеродромот Мадеира, Аеродромот Краснојарск, Аеродромот Менорка, Аеродромот Сантијаго, Меѓународниот Аеродром Скопје, Аеродромот Сола, Аеродромот Тбилиси, Аеродромот Талин, Аеродромот Ваернес, Аеродромот Торино и Аеродромот Загреб. Дополнително, скопскиот аеродром може да ги споредува своите резултати со вкупно 253 аеродроми во светот кои биле учесници во ASQ-програмата во 2021 година, поделени во шест региони: Европа, Африка, Блиски Исток, Северна Америка, Азија-Пацифик и Латинска Америка-Кариби.

– Горди сме на Меѓународниот Аеродром Скопје за добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги во категоријата од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот на Европа – како дел од светски познатата програма за квалитет на аеродромски услуги на ACI. Како долгогодишен учесник во програмата, тие ја имаат покажано својата посветеност кон пристапот насочен кон клиентите, што се докажува со овие одлични резултати. Ѝ честитаме на нивната целокупна аеродромска заедница за ова достигнување. Ставањето на патникот на прво место е она што ACI ќе продолжи да го унапредува како што колективно напредуваме како индустрија, изјавил Луис Фелипе де Оливеира, генерален директор на ACI World.

Иницијативата на ACI за квалитет на аеродромските услуги е единствената глобална програма за мерење на задоволството на патниците додека тие се на аеродромите. Имплементирана е на близу 400 аеродроми во светот и обезбедува длабинска проценка на искуствата на патниците од аеродромските услуги. Добиената база на податоци овозможува сеопфатна анализа на услугите на секој аеродром којшто учествува. Добитниците на ASQ-наградата во светот се препознаени како најдобри аеродроми од аспект на обезбедување квалитет во патничкото искуство.

Од податоците собрани во 2021 година од над 370.000 анкети, 88 аеродроми во светот освоија 111 награди. ACI има две категории на награди – „Најдобри аеродроми според број на патници годишно по региони”, во која награди добија 65 аеродроми и „Најдобри хигиенски мерки по региони” во која има 46 добитници.

ТАВ Македонија ги заокружи првите осум месеци од 2022 година со вкупно 1,5 милиони (1.549.440) патници кои патувале преку двата аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Ова претставува -13 проценти споредено со истиот период во 2019, година што се смета за референтна во авијацијата, пред почетокот на пандемијата со КОВИД-19.

– Авиосообраќајот на македонските аеродроми сепак закрепнува и споредено со првите осум месеци од 2021 година, бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром е зголемен за 83 проценти, наведуваат во соопштението од ТАВ Македонија.

 

 

Back to top button
Close