Директорот на ТЕЦ Неготино 41 ден претходно ја споделил истата информација со 14 лица за набавка на мазут, тврди одбраната на обвинетата за оддавање службена тајна

Одбраната на обвинетата Билјана Петревска-Мантова тврди дека во случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино не била оддадена никаква службена тајна и дека тоа го потврдува нов доказ доставен на денешното рочиште.

Адвокатката Надица Фундики изјави дека доказот покажува оти документот што е предмет на обвинението веќе бил достапен до повеќе лица и не претставувал класифицирана или службена тајна.

„Одбраната достави доказ со кој сметаме дека се потврдува дека обвинетата Петревска-Мантова не оддала службена тајна. Станува збор за документ кој на 18 септември 2024 година преку WhatsApp го споделила со директорот на ТЕЦ Неготино. Но денешниот доказ покажува дека директорот претходно веќе поседувал ист или документ со слична содржина, кој се однесувал на тековната набавка на мазут за 2021 и 2023 година, и дека по него постапувале и други подружници на АД ЕСМ“, изјави Фундики.

Според неа, истиот документ директорот на ТЕЦ Неготино претходно го испратил на службената електронска пошта на обвинетата, како и на уште 14 лица од три подружници на АД ЕСМ.

„Тоа значи дека документот им бил познат на повеќе лица и не претставувал службена тајна, ниту бил класифициран или заштитен документ“, рече Фундики.

Петревска-Мантова, заедно со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, се обвинети од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, кој беше еден од обвинетите во предметот за незаконската набавка на мазут.

Новиот доказ не беше изведен на денешното рочиште по приговор на Обвинителството. Судот ја задолжи одбраната до следното рочиште да обезбеди потврда за неговата веродостојност, односно дека материјалите навистина потекнуваат од електронската комуникација на обвинетата.

Јавниот обвинител Фатон Азизи изјави дека Обвинителството смета оти доказот е прибавен на незаконски начин и не ги исполнува законските услови да биде изведен во постапката.

„Денеска бевме подготвени да ги дадеме завршните зборови, но одбраната достави дополнителен доказ за кој сметаме дека не е обезбеден законски и не е предложен во форма пропишана со Законот за кривичната постапка. Судот не го прифати нашиот приговор, туку ѝ даде можност на одбраната да ја докаже неговата автентичност“, рече Азизи.

Тој додаде дека Обвинителството ќе се произнесе за содржината на доказот доколку биде прифатен од Судот, но останува на ставот дека документот не требало да биде споделуван со лица кои не биле овластени да располагаат со него.

Азизи оцени и дека одбраната можела да го обезбеди и предложи овој доказ уште во текот на доказната постапка минатата година, поради што смета дека треба да биде одбиен како задоцнет.

Back to top button
Close