Дистанцираното општествено „јадро“ и демократијата

Аушвиц го направи можно „граѓанското студенило“, предупреди Т.В. Адорно во „Негативна дијалектика“ во шеесеттите. На тоа ме потсети насловот на една студија, објавена од германската фондација „Фридрих Еберт“ на крајот на овој септември: „Дистанцираното јадро. Екстремнодесните и антидемократски ставови во Германија 2022-2023“ (Die distanzierte Mitte. Rechtsextreme und demokratiegefährdende Einstellungen in Deutschland 2022/2023), пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Што се случува во една демократија кога во нејзиното јадро, во средината на општеството, а не во десно радикалните партии, луѓето застапуваат екстремно десничарски ставови  кои ја загрозуваат демократијата, е клучното прашање на истражувањето. Со  германскиот збор „Mitte“ се мисли на срцето, јадрото, центарот на едно општество. Тоа што се случува во срцето или јадрото, порано наречено „граѓанскиот центар“ или „средна класа“, не е екстрем, туку загрижувачки симптом. Секако, среде кризата во која се наоѓа целиот свет, драстично се зголеми национализмот и во ЕУ, кој порано беше присутен како израз на екстремната десница. Таа најчесто се локализираше на работ на општеството, но не во нејзиното граѓанско јадро.

Во студијата се претставени резултатите од анкетата направена во 2022 и 2023 со репрезентативно избрани испитаници токму од „граѓанското јадро“. За целите на проектот биле анкетирани граѓани кои не припаѓаат на познатите екстремнодесни германски партии. Многу од анкетираните не биле ниту „гласачи од протест“, туку најчесто досега гласале за некоја од традиционалните демократски германски партии. Запрашани по телефон, овие граѓани полесно отворено ги изразувале своите екстремнодесничарски и антидемократски ставови кои, можеби, не би се осмелиле јавно да ги изразат.

Решение за кризите во старите екстремни идеологии

Загрижувачки се процентите на оние од анкетираните кои имаат симпатија за националсоцијализмот, а дури и за социјалдарвинизмот. Од анкетираните во Источна Германија 27% го поддржуваат националсоцијализмот, а 21,4% од нив не ги сакаат туѓинците. Кај анкетираните од Западна Германија симпатија за националсоцијализмот негуваат 14,4%, а 15,1% не ги сакаат туѓинците. Антисемитизмот го застапуваат 9,2% од анкетираните во Источна Германија, а 5,0% во Западна Германија. За социјалдарвинизмот имаат симпатија 8,4% од анкетираните источни Германци, а само 5,2% од западните Германци.

Тоа што процентот на анкетираните во Источна Германија кои го поддржуваат националсоцијализмот е двапати поголем од оној кај испитаниците во Западна Германија, се должи и на фактот што во ДДР антисемитизмот беше сето време латентно присутен. Освен тоа, „денацификацијата“ во ДДР ја спроведуваше советската воена администрација, при што илјадници некогашни членови на националсоцијалистичката партија беа затворени во логори, ликвидирани или им биле одземени имотите. Социјалистичката власт на ДДР од тој миг била уверена дека кај нив нема повеќе ниту фашизам, ниту антисемитизам, зашто државата декларативно прогласила антифашизам. Тој антифашизам не значеше и критичко соочување со минатото во Третиот Рајх, затоа што многу  некогашни пламени нацисти брзо се „прешалтувале“ во пламени комунисти. Ним не им одговарало критичкото соочување со минатото, кое затоа морало да се табуизира.

По пропаста на ДДР, многу од нејзините граѓани, особено оние чии предци биле изложени на „денацификацијата“ од советските власти, почнаа да се чувствуваат како „жртва“ и да бараат начин да го рехабилитираат националсоцијализмот. Освен тоа, и во ДДР и во Третиот Рајх Германците живееја во диктатура, со тоа што советската беше интернационална, а таа од времето на Хитлер, национална. Во двете диктатури заедницата, народот и нацијата беа затворен простор, во кој туѓото беше стигматизирано. Денес партијата Алтернатива за Германија (АФД) е привлечна за Источните Германци затоа што, од една страна, во нив ја потпалува љубовта за својата нација и ја зголемува одбивноста кон странците (особено кон бегалците), а од друга страна манипулира со  чувството на некогашните ДДР-граѓани како жртви на диктатурата, со тоа што им сугерира дека тие и сега, во обединета Германија, се наоѓаат во диктатура – диктатура на Брисел.

Токму затоа еден голем процент од Источните Германци почна да  го „разубавува“ националсоцијализмот, во кој главната вредност била припадноста на германскиот народ. Секако, во тоа може да се препознае и немање храброст вистински да се соочат со вистината на националсоцијализмот, затоа што тогаш ќе мораат да се дистанцираат од злоделата на своите предци. Впрочем, и според авторите на студијата антисемитизмот и социјалдарвинизам е мотивиран од погледот на светот во кој највисоката вредност е сопствениот народ. Затоа, како протест, некои бараат решение за кризите во старите екстремни антисемитски, социјалдарвинистички и расистички идеологии.

Граѓанската класа губи доверба во политиката

Во студијата се истакнува влијанието на кризите врз средната класа во едно демократско општество. Очигледно е дека кризите  доведуваат до тоа делови од средната, граѓанска класа, да почнат да ја губат довербата во политиката. Граѓаните почнуваат да се дистанцираат дури и од принципите на демократијата. Нивната верба во силината на демократската свест оладува. Притоа се зголемува бројот на неопределените. Луѓето регистрираат дека нешто не чини во актуелната ситуација во однос на демократијата, но тоа не води кон решително спротивстваување на таквите феномени. Авторите на студијата зборуваат за амбивалентност на граѓаните во однос на демократијата. Симптом за таа амбивалентност е фактот што се зголемува бројката на „сивата маса“ – оние граѓани кои не се ни таму ни ваму, кои се некаде помеѓу демократските и антидемократските ставови.

Притоа, оваа разочараност од политиката се пројавува не само кај германската средна класа, туку и кај македонската. Многу ангажирани застапници на демократијата денес и во Македонија сѐ почесто се дистанцираат од политиката, затоа што предолго чекаат на ветените реформи. Со тоа тие само им ја препуштаат политичката „бина“ на популистите. Не се ретки и во Македонија тие што си посакуваат диктатура на „цврста рака“ или на „една партија“. Тој феномен е присутен и во Источна Германија, затоа што во актуелните кризи многу луѓе копнеат по времето во кое „една партија“ ги држеше под контрола и им сугерираше заштитеност.

Токму затоа во студијата се истакнува дека сознанијата за ваквите поместувања во средиштето на демократските општества, всушност, треба да помогнат политичката јавност уште посилно да се фокусира врз градењето демократска свест и политичка култура. Доколку тоа благовремено не се согледа и критички преиспита, тогаш уште поголем број од граѓаните ќе изгуби секаков интерес за демократијата. Затоа што „оладувањето“ за демократијата го потпомага немоќта која граѓаните ја чувствуваат во сложената политичка констелација во целиот свет, за која политичарите немаат брзи решенија.

Војната во Украина, финансиската и енергетската криза, пандемијата, „хибридната војна“ која одредени политички центри на моќ ја практикуваат веќе подолго време со лажни вести и теории на заговор, го зголемија кај многу граѓани во европските општества стравот од иднината. Европејците долго живееја со сликата за ЕУ како заштитен свет, во кој постојаниот раст на благосостојбата небаре беше гарантиран. Земјите-членки на ЕУ, кои порано беа социјалистички, го посакуваа членството во ЕУ само како гаранција за благосостојбата со која во социјализмот го поврзува Западот. Затоа сега одбиваат да го делат „својот Запад“ со бегалците, иако и тие порано бегаа од „нивните диктатури“ преку зелените и други граници и ѕидови во Европа.

Кица Колбе

Back to top button
Close