Дива мачка забележана во пештерата Свинска стрна на Галичица

Со редовниот мониторинг на пештерите во Националниот парк Галичица, забележана е дива мачка во пештерата Свинска стрна, која што ја корисистела како привремено живеалиште.

Животното било уловено од камерата поставена над пештерата. Редовниот мониторинг во пештерите и надвор од нив е одлична алатка за проучување на пештерските екосистеми во заштитеното подрачје, велат од Црвениот крст Охрид.

„Дивата мачка претставува загрозен вид. На главата има кратка муцка и кратки уши. Има тело кое е покрено со густо сиво-кафеаво крзно, со напречни темни шарки и една темна по должината на грбот. На кратката дебела опашка има црни прстени и црн врв. На предните нозе има пет прсти, а на задните четири. Живее во шуми со шумски чистини. Има одлично развиен слух, вид и допир, а послабо развиен мирис. Дивата мачка е месојад кој лови зајаци, птици, глувци. Лови приквечер или во зори. Добро трча и се качува по дрвја. Мажјакот е поголем од женката. Неговото тело е долго до 90 cm и е тежок до 15 кг. Женката при крајот на пролетта окотува до 4 младенчиња во засолниште меѓу камења или во шупливо стебло, ретко во грмушки. Обично живее 10-12 години“ наведуваат од Црвениот крст.

Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го спроведуваат Црвен крст Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица

Back to top button
Close