ДИВА СВИЊА

Долговите не се направени само последнава година кога поскапе струјата. Некои универзитетски клиники не ги плаќале сметките со години. Во нив партиите имаат поставено економски директори.

Ќе го постават од партија, ќе ослободат некоја лекарска соба да му најдат канцеларија, оти бива ли директор без кабинет, па службена кола, па шофер, оти бива ли директор без шофер, па секретарка, оти бива ли сам да се јавува по кафеани да резервира ручеци, па најнов мобилен, оти бива ли да му се потроши батеријата додека е на семинар во странство, па ќе вработам едно десетина „од нашите“, оти бива ли партијата да ми даде директорско место, а јас ништо да не вратам… И оп, се појавува месијата Димитар Ковачевски и им вика: Без грижа, јапонските, германските и холандските даночни обврзници ќе ви купат ехо и рентген апарати и амбулантни возила, а македонските даночни обврзници ќе платат за струјата што не сте ја платиле, исто како што веќе ви ја платиле и колата, и возачот, и секретарката и како што ги плаќаат паушалите на „нашите“ советници.

Па вака секој може да биде директор со неограничени средства. Бидејќи станува збор за болници, директорот знае дека болницата може да остане без лекови и со расипани апарати, ама државата не смее да си дозволи на болница да ѝ биде исклучена струјата, па си вика: Што ве вртам, бе! Не плаќам струја. Прашај го лидерот дали може да ме смениш. Не можеш.

Премиерот Ковачевски неодамна во болницата „8 Септември“, при промоција на некаков апарат обезбеден со италијанска поддршка рече: Имаме врвни доктори, врвна опрема, ама не ни чини системот. Па еве ви го системот, премиере! Сменете го. За почеток, укинете ги економските директори на клиниките каде што ги има. Се виде дека се непотребни како функција. Наместо да го штедат, тие го оштетуваат Буџетот.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close