Дивоградбите во заштитените подрачја да се изземат од законот за легализација на дивоградби, предлага Владата

Дивоградбите во заштитените подрачја да се изземат од законот за легализација, е најновиот предлог на Владата, донесен на последната седница, што се одржа вчера. Владата не се откажува целосно од контроверзниот Предлог- закон што во скратена постапка беше изгласан во Собранието, но претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување. Тој е вратен и повторно ќе се најде пред пратениците, а од Владата најавуваат дека за него ќе следува јавна расправа со засегнатите страни, консултации со пратеничките групи како и со претседателот Пендаровски и за да се дојде до најдобро законско решение.

Корапски водопад на планината Кораб. Фото: Силвана Жежова
Корапски водопад на планината Кораб. Фото: Силвана Жежова

„Ќе бидат отворени за доработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните“, се вели во соопштението од седницата на Владата.

Легализацијата на бесправно изградените објекти во заштитените подрачја како националните паркови и заштитени предели, беше една од најкритикуваните точки во законот. Процедурата предвидуваше добивање на согласност од Министерството за животна средина, иако голем број експерти и еколошки организации предупредија дека постапките се во колизија со меѓународните конвенции и домашните закони со кои се заштитени овие предели.

Од Министерството за животна средина информираат дека уште во 2019 година дале свое мислење за текстот на овој закон. Тогаш побарале да се изземат бесправно изградените објекти во границите на Охридскиот регион, во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во списокот на Светското и културно наследство согласно Конвенцијата на УНЕСКО. Исто така, Министерството инсистирало да добие поголем степен на заштита и ингеренции за одлучување за дивоградбите во заштитените подрачја.

„Побаравме во член 18, став 1 зборот „мислење“ да се замени до „согласност“, која ќе ја издава Министерството за бесправно изградените објекти во границите на заштитеното подрачје, односно во строго природен резерват, национален парк, споменик на природата, парк на природата, заштитен предел или повеќенаменско подрачје во заштитен крајбрежен појас на природни и вешташки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење“, информираат од Министерството. На тој начин, велат, би се избегнала колизија на овој закон со законите за заштита на овие подрачја и со меѓународните конвенции кои ги штитат.

Против легализацијата на бесправно изградени објекти во заштитените подрачја се изјаснија и граѓанските организации кои сметаат дека законот ќе предизвика негативни последици не само по заштитата на животната средина и природата, туку и за правниот поредок на земјата. Тие сметаат дека законот не е усогласен со законите за заштита на природата и за води, според кој постоење на било какви градби во одредени зони и подрачја е строго забрането. Со легализацијата, посочуваат, се мотивираат сите оние кои со години бесправно узурпираат земјишта, а се демотивираат сите чесни граѓани кои ги следат законските чекори и ги почитуваат сите прописи. Невладината организација „Еко Герила“ покрена и постапка за оценка на уставноста на законот пред Уставниот суд. Реагираше и Асоцијацијата на архитекти со став дека ова законско решение ги суспендира сите применливи акти за урбанистичко планирање кои се грижат за квалитетот на градбите, како и дава лош сигнал дека дивоградбите не се казнуваат.

„Ваквите законски решенија ги потценуваат сите професионални процедури од план до конструкција, нешто што мора да го гарантира правниот статус и статусот на безбедност на секоја конструкција. За време на изградбата, приватниот и јавниот интерес не смеат да се загрозат”, се вели во соопштението на Асоцијацијата на архитекти.

извор: Мета

Back to top button
Close