ДИЖС: Нема основа за понатамошно продолжување на инспекциската постапка за реката Вардар

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) денеска преку соопштение информира дека согласно надлежностите утврдени во постоечката легислатива и утврдени факти во инспекциска постапка нема основа за понатамошно продолжување на инспекциската постапка на реката Вардар.

Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека на 15 јули 2020 година, по добиена дојава за загадување на реката Вардар со портокалова боја извршиле вонреден инспекциски надзор согласно законските надлежности. Надзорите се реализирани од Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата – Скопски регион со двајца државни инспектори за животна средина.

-На локацијата испуст на отпадни води од колекторот кои се влеваат во река Вардар кај мостот Близнак под Бетонската база на Бетон каде граничат општините Гази Баба и Аеродром, отпадната вода беше со видлива портокалова боја, но не беше забележан помор на риби во реката Вардар. Поради овој факт веднаш се земени мостри од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа, се вели во соопштението.

Земените мостри поради неработниот ден, 15 јули 2020 година (вонредни парламентарни избори), биле однесени следниот ден 16 јули 2020 година во акредитирана лабораторија во Центарот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, каде се применува Системот за квалитет согласно меѓународниот стандард ISO 17025:2017. Лабораториското тестирање е извршено во согласност со акредитирани стандардни методи од страна на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија.

-Од страна на Центарот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје се добиени податоци на 21 јули 2020 од хемиското тестирање од примерокот кој има талог со портокалова боја за pH, железо, манган, ХПК (бихромат), БПК за пет дена, нитрати, сулфати, хлориди, суспендиран материјал и електрична спроводливост. Може да се каже дека PH вредноста на водата е неутрална со вредност од 7.08, има зголемување на суспендирани материи кои претставуваат неутрализиран талог кој содржи железен хидроксид кои доведуваат до обојување на водата. Исто така, електро спроводливоста на водата е со минимално зголемување кое не е штетно по живиот свет во водата. Се претпоставува дека обојувањето на водата е предизвикано при испирање на површина која содржи примеси на метали (‘рѓа) со чиста вода, се вели во соопштението.

Од ДИЖС посочуваат дека на 15 овој месец, кога била добиена дојавата за екоинцидент, извршени се два вонредни инспекциски надзори во комплексот поранешна Железара, кај правни субјекти кои имаат отпадни води од технолошки процес и се носители на А-Интегрирани еколошки дозволи, Либерти и Макстил.

-Кај правниот субјект Либерти АД-Скопје (поранешен Арцелор Митал),. е утврдено дека во моментот на вонредниот инспекциски надзор погонот Лужилница не беше во работен режим, односно производниот процес беше целосно сопрен. Погонот не е во работен процес, почнувајќи од 10 јули во вечерните часови. При увидот во пречистителната станица утврдено е дека во истата доаѓа отпадна вода од Погон за пластифицирање на лим и од пречистителната станица истекуваше отпадна вода која беше видливо безбојна, стои во соопштението.

Извршен е визуелен увид и во пречистителната станица на Макстил АД-Скопје и забележано е дека истекува видливо безбојна отпадна вода. Од извршените вонредни инспекциски надзори и кај двата погоре споменати субјекти, како што се наведува, нема забележано појава на истекување на портокалова отпадна вода.

Согласно А-Интегрираните еколошки дозволи кои се поместени на интернет страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање http://www.moepp.gov.mk/?page_id=944 се врши мониторинг на испуштање на отпадни води, а од добиените резултати од внатрешниот мониторинг и четири земени проби, од кои две во прва смена, по една во втора и трета смена за 15 јули, кај правниот субјект Либерти нема надминување на вредностите на pH и железо согласно условите наведени во дозволата.

Кај правниот субјект Макстил, како што се наведува, реализирани се хемиски анализи од страна на РЖ Техничка контрола, и тоа вонредна за 15 јули и редовни согласно условите од дозволата за период 14-20 јули. Анализите не покажуваат зголемување на вредностите на pH и железо согласно условите наведени во дозволата.

Од ДИЖС посочуваат дека во главниот колектор во индустрискиот комплекс Железара се влеваат фекални води од сите постоечки компании и фирми во кругот на поранешната фабрика Железара преку посебна фекална канализација, атмосферски води од покривните конструкции од објектите, кои се вливаат дел преку фекалната канализација и дел преку посебната атмосферска канализација. Се влеваат и атмосферски води од сливните површини од патиштата и паркинзите преку посебна атмосферска канализација.

Во главниот колектор преку канализациони приклучоци се вливаат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, П.З.У Ре-Медика и Ј.З.О Здравствена станица Железара. Надвор од индустрискиот комплекс по трасата на колектор кон реката Вардар со канализациски приклучоци се вливаат и води од поодделни фирми и тоа: поранешна објекти од Годел-Кожара, Тинекс, Сепарација на Бетон, ЕМУЦ, АСУЦ, приватни фирми, семејни куќи и други корисници. Сите води преку колекторот се испуштаат во реката Вардар. Дел од овие субјекти се во надлежност на инспектирање од страна на ДИЖС (лоцирани во комплекс Железара, дел немаат отпадни води од технолошки процес како на пример двете асфалтни бази Бауер и ЈП „Улици и патишта“, Скопски легури повеќе години не е во работен процес, ЕСМ-Енергетика не е во функција, завршена е грејната сезона), согласно Законот за животна средина, а најголемиот дел се во надлежност на инспектирање на инспекциските служби од Град Скопје и од Општина Гази Баба.

– Државниот Инспекторат за животна средина по добиена дојава за загадување на животната средина на територијата на целата држава секогаш ги проверува сите наводи од добиена дојава, претставка итн., но не одговара за веродостојноста на информации, видео и фото материјали објавени по социјални мрежи од разни извори, се вели во соопштението од Државниот инспекторат за животна средина.

Back to top button
Close