ДКСК: Да се спречат практиките за партиски договорни вработувања во јавната администрација
Актуелните најави за вработувања во јавната администрација, од страна на одредени политички субјекти во Република Северна Македонија, не смеат да бидат предмет на договор на политички структури. Секое вработување мора да биде во согласност со закон, по мерит систем и без никакви влијанија, нагласуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата.
Само на овој начин, велат оттаму, почитувајќи ги законските регулативи, ќе овозможиме враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, ќе спречиме коруптивно однесување, трговија со влијанија и партиски клиентелизам.
-Секоја изјава за “договорни“ партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања, велат од Комисијата.
Нагласуваат дека во насока на остварување на своите превентивни законски надлежности, ДКСК веќе направила антикорупциска проверка на предложените закони за вработување во јавниот сектор и на предлагачот му укажала на можните ризици од корупција кои тие ги генерираат.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата потсетуваат дека Комисијата во рамки на своите надлежности, има обврска да спроведува превенција и да презема мерки за спречување на можни злоупотреби на службена положба, судир на интерес и незаконско постапување.