ДКСК: Луѓе менуваат националност за да се вработат, да се укине балансерот од Законот за административни службеници
Држaвната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на денешната седница говореше за предмети кои пристигнуваат до неа за случаи кога кандидати за вработување ја менуваат националноста, со цел да ги исполнат условите од балансерот и да се вработат.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, образложи предмет, во кој е утврдено дека во Агенцијата за вработување кандидат за вработување е заведен како Македонец, а примен е како Албанец.
„За жал, ова не е првпат и за жал немаме начин како да се казнат, оти во законите не е предвидена ваква казна. Единствена препорака ќе биде, а и онака се прави законот за административни службеници, балансерот да се исфрли од употреба, заради тоа што нема ефекти, луѓето лажат, за да се вработат. Балансерот џабе постои, во секој случај нашата Комисија отсекогаш се залагала за вработување квалитетни кадри, што ќе ги исполнуваат критериумите за квалитет и затоа нема потреба луѓето да се ставаат во вакви состојби – рече Ивановска.
ДКСК ќе го архивира предметот, а препораката ќе ја достави до Министерството за информатичко општество и администрација.