ДКСК: Обвинителството шест месеци молчи за „Холидеј Ин“

Антикорупционерите бараат институциите да постапуваат по нивните иницијативи за коишто имаат отворено предмети и што поскоро да ги решат. Тие укажуваат дека неколку нивните предмети се заглавени и со месеци не добиваат одговор од надлежните институции за нив. Пред се, станува збор за иницијативата за кривична одговорност за лицата кои учествувале во донесувањето на Деталниот урбанистички план за Холидеј ин, поднесена пред шест месеци и за предметот за јавните набавки во ДИК, кој е даден уште во 2019 година, за лицата кои учествувале во тендерот за печатени материјали за гласање. И за двата предмети требаше да се произнесе Обвинителството.

За случајот со „Холидеј Ин“се води предистражна постапка. Антикорупционерите во јуни годинава побараа да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“.

Другиот случај, за кој антикорупционерите чекаат одговор се неправилностите во одлуката договорот за јавна набавка по итна постапка да и се додели на АД Печатница „Киро Дандаро“ од Битола. Според пријавата, ДИК на 18 ноември 2016 година донела одлука за спроведување на постапка за набавка на изработка и печатење доверлив изборен материјал за предвремените парламентарни избори во 2016 година. Набавката била спроведена без претходно објавување на оглас, а по спроведената постапка ДИК на 25 ноември 2016 година доделила договор за јавна набавка во вредност од 24 милиони денари без ДДВ на економскиот оператор АД Печатница „Киро Дандаро“ Битола чија понуда била избрана за најповолна.

Се чека и Уставниот суд 

Претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција информираше дека се чека одговор и од Уставниот суд за оценка на уставноста на законитоста на донесениот закон од јавен интерес со номинирање на стратешки партнер за доизградба на коридорите 8 и 10. Сѐ уште се чекаат одговори и по иницијативите за разрешување на одговорни лица и промена на законската регулатива за ограничување на дискреционите права со што ќе се овоможи фер начини на вработување, како и промена на начинот за избор на директори и членови на управни одбори.

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, се нотира напредокот во делот на борбата против корупцијата и судирот на интереси и се оценува дека ДКСК е особено проактивна во превенција на корупцијата и во отворање голем број предмети, вклучително на оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници.

Back to top button
Close