ДКСК оформила предмет за именувањето на Елена Маркова – Велинова за членка на РКЕ

Собранието ја избра Маркова – Велинова по доаѓањето на новата власт. До изборот, таа беше претседателка на Комисијата за енергетика на сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според Законот за енергетика, функцијата во Регулаторната комисија за енергетика е неспоива со друга функција, функција во политичка партија или работно место.

Пријавата против изборот на Маркова – Велинова доаѓа во период кога во Собранието е постапка за разрешување на четворица членови од претходниот состав бидејќи, според Владата, не ги исполнувале условите кога биле избрани.

Државната комисија за спречување корупција оформила предмет во врска со именувањето на член на Регулаторната комисија за енергетика. Станува збор за Елена Маркова Велинова, која за членка на РКЕ е избрана во септември 2024 година.

„Оформен е предмет по поднесена пријава по однос на именувањето на Елена Маркова-Велинова за член на Регулаторната комисија за енергетика.  Постапката по оформениот предмет  е во тек. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница која ќе биде објавена на ВЕБ страницата на ДКСК“,

велат за „360 степени“ од ДКСК.

Маркова Велинова е магистер по електротехника, а членка на РКЕ била и претходно, во 2011 година. Изминатиот период таа беше активна во јавноста на теми од областа на енергетиката, како претседателка на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДКСК не соопштија и кој е основот за оспорувањето на изборот на Елена Маркова – Велинова. Но, неофициојално, еден од можните основи е Законот за енергетика кој пропишува дека функцијата во РКЕ е неспоива со друга функција, функција во политичка партија или работно место. Во моментов, на интернет страница на партијата нема информација кој е претседател на Комисијата за енергетика. (DW)

Повеќе…

Back to top button
Close