ДКСК пред одлука дали е законско именувањето на Ивана Стојановска за заменик-директорка на Агенцијата за разузнавање

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ја обезбедила потребната документација и чека безбедносни сертификати за дел од нејзините членови за да може да донесе одлука во случајот со именувањето на Ивана Стојановска за заменик-директорка на Агенцијата за разузнавање.

Ова, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, го кажа претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.

„Обезбедена е целокупната документација од кабинетот на претседателот на државата и од Агенцијата за разузнавање. Во фаза на потврдување на фактичката состојба обезбедени се документи што имаат степен на класификација. Во тек е обезбедување на безбедносни сертификати за дел од членовите на комисијата. Се надеваме дека во краток рок сертификатите од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ќе бидат доставени имајќи предвид дека претходно дел од членовите ги поседуваа безбедносните сертификати. Во неколку наврати ни беше спроведена проверка. По обезбедување на овие сертификати, ќе ја донесеме одлуката согласно утврдената фактичка состојба“,

вели Димитровска.
Стојановска беше поставена на функцијата заменик-директорка на Агенцијатра за разузнавање на 28 јуни годинава. Услов за таа позиција, меѓу другото, е најмалку десет години работно искуство во областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика. Но, се испостави дека има околу осум години стаж во Агенцијата за разузнавање, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова при именувањето го зела предвид нејзиното работно искуство како асистентка по информатика на Факултетот за детективи и безбедност на Универзитетот ФОН. Па, ја прашавме претседателката на Антикорупциска дали тоа работно искуство може да биде релевантно и да се вкалкулира во потребното за да се исполнат критериумите.

„Да не шпекулираме со информации. Сепак, да го почитуваме начелото на презумпција на невиност. Кога ќе ги разгледаме сите документи, ќе ја утврдиме фактичката состојба. Секако дека ќе се произнесеме и за оваа одредба од законот дали како работно искуство се признава работното искуство како асистент на наведените факултети“,

рече таа.
На прашањето дали за професорите по стручните предмети на отсекот по новинарство при Правниот факултет на УКИМ може да се смета дека имаат искуство во областа на правото, со оглед дека предавале на правен факултет, Димитровска одговори:

„Бидејќи на ова интервју сум поканета како претставник на ДКСК, а не како граѓанин, ќе ми дозволите нашиот став, односно одлука, да ја донесеме на јавна седница и ќе одговориме на сите прашања што ќе ни ги поставите.“

Ако се испостави дека Ивана Стојановска не ги исполнува законските услови за да биде заменик-директорка на Агенцијата за разузнавање, Димитровска вели дека според законските надлежности на Антикорупциска можат да покренат иницијатива за одговорност на лицето што ја именува и иницијатива за кривично гонење.

Димитровска: Зависно од наводите, дали ќе се потврдат или не, ќе постапиме согласно нашите надлежности.

360: Тоа значи одговорност за шефот на државата во конкретниот случај? Хипотетички.

Димитровска: Не би сакала сега да коментирам за каква иницијатива…

360: А дали шефот на државата ќе биде должен да ја разреши ако се констатира дека е незаконски именувана?

Димитровска: Секако. Доколку не ги исполнува условите и констатираме повреда на одредбите од законот, понатаму ние како Комисија конкретно не предлагаме што треба да направи органот што ја именувал, меѓутоа со самиот диспозитив на нашата одлука, каде ќе констатираме дали е повреден или не е повреден законот, соодветно и ќе постапат.

Back to top button
Close