ДКСК проверува како ДУИ стекнала објект откако минал низ приватни фирми
Откако кон средината на ланската 2022 година „Фокус“ објави дека деловно-административна зграда во кругот на Телеком, во центарот на Тетово преминала во сопственост на ДУИ, Државната комисија за спречување на корупција оформи предмет за проверка на изнесените наводи во сторијата, во однос на кој, според одговорот што го добивме, се уште се постапува.
„ДКСК има отворено предмет по сопствена иницијатива во врска со наводи изнесени во сторија објавена во неделникот ,,Фокус” дека политичката партија ДУИ се стекнала со сопственост на објект во центарот на Тетово, за кој објект се наведува дека претходно бил во сопственост на лица кои може да се доведат во релација со партијата, но и со институциите раководени од кадри на ДУИ. Предметот е распределен за работа на член на ДКСК и постапувањето по истиот се уште е во тек“, одговориле од ДКСК за Фокус.
Според податоците што ги обезбедивме од Катастарот на недвижности, станува збор за објект со приземје и 3 ката, чиј габарит изнесува 452 квадратни метри, а внатрешната површина 1.423 квадратни метри. Како што ни изјави Бејтула Адеми, прв човек на финансискиот оддел на ДУИ, за да го купат овој објект подигнале банкарски кредит од околу 900.000 евра, со период на враќање од 7 години.
Документацијата со која располагаме открива дека претходните сопственици на објектот може да се доведат во релација со партијата, но и со институции раководени од „интегративците“. Поточно, ДУИ го купила објектот од компанијата „Инфинити-МГ“, неодамна преименувана во „Зега Груп“.
Според Централниот регистар, сопственик на оваа компанија е менаџерката на познатата „Вилсон Школа“, Елита Зулбеари-Маша. Таа не ја крие наклонетоста кон ДУИ, но знаела да испорача и критики. Впрочем, таа реагираше кога ДУИ во последната Влада не номинираше ниту една жена.
…