ДКСК со повеќе изборни пријави – дел проследени до ЈО, дел затворени без прекршувања
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница информираше дека постапувале по повеќе пријави поврзани со изборниот процес, од кои дел беа проследени до надлежни институции, а дел затворени поради утврдено непостоење на прекршувања.

Една од пријавите се однесува на директорка на средно училиште, која во електронска комуникациска група споделила содржина креирана од политичка партија и изборен плакат, со молба за поддршка на кандидат преку споделување на објавата. ДКСК утврдила дека надлежен орган за понатамошно постапување е Јавното обвинителство.
Во друг случај, пријавен е избор на професор за проректор на универзитет, за кој ДКСК утврдила дека не се прекршени законски одредби во изборниот процес, бидејќи избраното лице веќе имало работен однос во моментот на донесување на одлуката, што не се смета за започнување на нова постапка за вработување.
На денешната седница се реферираше и за пријава одговорно лице на средно училиште донело одлука за вработување за која ДКСК утврдила дека е во рамките на дозволениот период, поради што не се утврдени прекршувања.
Во однос на пријава за наводна изјава на кандидат за градоначалник, кој ветувал парични средства во готово за ранливи категории и пензионери, ДКСК утврдила дека станува збор за изјава на кандидатот за дел од програма и промоција на активности кои би се реализирале во текот на мандатот, и не се работи за директно прекршување на изборниот процес.
-Се работи за изјава дадена пред медиуми за дел од програма на кандидат кој што е посветен на ранлива категорја на граѓани како и на пензионери. Се работи за проект кој што го промовира и мерка која подразбира дел од неговата програма и промоција на активностите кои што ќе бидат реализирани во текот на мандатот, посочија оттаму.
На денешната седница, Државната комисија за спречување на корупција претходно ги усвои Проценката на ризици од корупција за потребите на изработка на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030 и Методологија за изготвување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030.
Седницата продолжи со дискусија за Извештај од антикорупциска проверка на одредби од Изборниот законик, Глава VI. Изборна кампања со поднаслов „Медиумско претставување“ од член 75 до член 76-д.






