Длабоки корени: Советска Русија не го признавала македонскиот јазик

Руската политика на негирање на македонскиот идентитет и јазик има длабоки корени. Од многуте примери за таа политика, може да се наведе и еден скандалозен чин од времето на Советскиот Сојуз, кој го открива Фејсбук страницата Сеир.

Во објавениот исечок од весникот под наслов „Советската делегација одби да потпише договор напишан на македонски јазик“ се откриваат детали за скандалот. Имено, советската и југословенската делегација на писатели имале тридневна средба на која воделе дискусии за соработка меѓу двата сојузи. На крајот, советската делегација не сакала да потпише договор за соработка на македонски јазик!

Во тоа време, претседател на југословенскиот сојуз на писатели бил Гане Тодоровски, па соодветно на праксата на оваа организација, договорот бил подготвен на македонски јазик. Претходно, договори со сојузите на писатели на Источна Германија и Романија биле потпишани на хрватски јазик, бидејќи во тој момент претседателот на југословенскиот сојуз доаѓал од Хрватска.

Но советската делегација по три дена детално планирање што сè ќе биде предмет на соработката меѓу двата сојузи, едноставно, одбива да го потпише договорот за соработка. Причината за тоа е – договорот бил на македонски јазик.

Југословенскиот сојуз на писатели тогаш излегува со соопштение за јавноста во кое се вели:

Откако планот за соработка за идниот период е утврден во сите поединости, до потпишување на договорот, сепак, не дојде затоа што делегацијата на Сојузот на книжевници на СССР одби да го прифати веќе усвоеното начело текстот што го предлага југословенската страна да биде на јазикот на водачот на нејзината делегација, во случајов, на македонски јазик. Почитувајќи го тоа начело, неодамна договорите со сојузите на книжевниците на ДДР и СР Романија беа потпишани на хрватски јазик.“

Делегацијата, според написот, со жалење констатира дека одбивањето на Сојузот на книжевници на СССР да го прифати македонскиот јазик како службен во овој меѓудржавен договор, сигурно ќе има негативни последици врз понатамошната книжевна соработка меѓу двата сојузи.

Џ. Д.

Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia

 

 

Back to top button
Close