До 10 години затвор за злоупотреба на снимки со сексуална содржина – Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик
До Собранието е доставен Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, со цел усогласување со Решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година кој утврди дека измените од 2023 година довеле до намалување на казните за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба, како и отстранување на слабостите во постојните одредби. Предлогот го потпишаа девет пратеници, меѓу кои Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Дафина Стојаноска и други.

Предлог-законот предвидува заострување на казнената политика за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Злосторничко здружување“, како и воведување ново кривично дело – „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина“.Предлогот опфаќа и проширена конфискација, усогласување со Истанбулската конвенција преку редефинирање на делото „Телесна повреда“, како и нови облици кај „Трговија со дете“ за надминување на состојбите со питачење.
Дополнително, се предлагаат технички измени за куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор и хармонизација на делата против безбедноста во сообраќајот во рамки на проектот „Safe city“.
Предлагачите наведуваат дека предлог-законот има за цел да ја зајакне борбата против високата корупција и да ги исполни европските и меѓународните стандарди.






