До 150 евра казна: Француско летувалиште воведе строги правила за туристите

Доколку летово патувате на француското крајбрежје, добро е да знаете едно важно правило – костимите за капење и голото торзо се прифатливи на плажа, но не и во центарот на градот.

Сѐ повеќе француски туристички места воведуваат казни за туристите кои шетаат без маица по улиците, плоштадите и шеталиштата, а глобите можат да достигнат и до 150 евра.

Иако сончањето без горен дел од костимот за капење и натаму е дозволено на француските плажи, локалните власти сѐ почесто предупредуваат дека правилата што важат на плажа не важат автоматски и во урбаните средини.

Меѓу градовите што решија да ставaт крај на оваа практика е Нарбон, на југот на Франција. Новите правила ќе важат до крајот на септември, а градските власти велат дека целта е да се зачува пријатната атмосфера во центарот за време на туристичката сезона.

„Облеката соодветна за плажа не е нужно соодветна и за градските улици, плоштади или историското јадро на градот“, порачаа од градската администрација.

За прекршителите е предвидена казна до 150 евра, а локалната полиција веќе почнала да изрекува глоби.

Градоначалникот на Нарбон, Бертран Малкие, нагласи дека целта не е да се ограничуваат туристите, туку да се поттикне почитување на јавниот простор.

„Нарбон е гостопримлив медитерански град. Станува збор за здрав разум и почитување на јавниот простор. На плажа секој може да носи што сака, но во центарот на градот очекуваме луѓето да облечат маица“, изјави тој.

Нарбон не е единствениот град со вакви правила. Во познатото летувалиште Довил казната за шетање без маица порано изнесувала 17 евра, а денес може да достигне до 150 евра. Истата практика се применува и во Аркашон и Ле Сабл д’Олон на атлантскиот брег.

Локалните власти во Франција порачуваат дека она што е прифатливо на плажа не е нужно соодветно за градските центри, рестораните, продавниците и културно-историските знаменитости.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close