Дојче Веле за изборите во Црна Гора: Неизвесни избори и страв од инциденти

– Граѓаните на Црна Гора утре гласаат на парламентарни избори за кои се стравува дека и власта и опозицијата би можеле да прогласат победа и да се повтори сценариото на „државниот удар“ од изборите во 2016.

Изборите во демократските општества по дефиниција се „празник на демократијата“, но во Црна Гора одамна се нешто друго – беспоштедна битка за власт во која не се бираат средства и во која секој изборен ден е полн со инциденти, пишува Дојче Веле.

Нешто слично се најавува и за утре кога граѓаните повторно бираат меѓу повеќедецениската власт на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на најдолговечниот европски лидер Мило Ѓукановиќ, и опозицијата која верува дека, со помош на Српската православна црква, конечно може да ја урне, како што вели, 30-годишната диктатура.

И власта и опозицијата ги прогласија овие избори за историски: власта затоа што повторно и по којзнае којпат мора да се одбрани државата од големосрпскиот национализам, а опозицијата затоа што е уверена во смена на власта како никогаш досега.

Но, наместо расчистување на повеќегодишната политичка криза пореално е да се очекува дека изборите ќе донесат уште поголема поларизација во општеството. Тоа е прогнозата на политичката аналитичарка Далиборка Улјаревиќ.

– За жал, ниту се ова историски избори, ниту тие ќе и стават крај на трајната политичка криза и ќе придонесат кон потребниот општествен консензус околу клучните правци на развој на Црна Гора. Премногу историја, а премалку рационален пристап, не одржуваат во маѓепсан круг на минатото и неспособноста да се носиме со предизвиците кои сега се зголемени поради пандемијата на коронавирусот, вели Улјаревиќ за Дојче Веле.

Анкетите потврдуваат дека изборите ќе бидат неизвесни, затоа што ниту власта ни опозицијата немаат предност. Иако ДПС тврди дека анкетите се лажни и дека убедливо ќе победи, проценките се дека партијата има загубено дел од поддршката поради спорниот закон за црквите.

– Идната влада пред себе има никогаш потешка ситуација и ќе видиме дали ќе биде во состојба да го исполни целиот мандат, без оглед кој ќе ја води. Позицијата на граѓанските партии ќе биде важна, но треба да се има предвид дека тие се слаби и тешко е да се прават прецизни комбинаторики без изборните резултати. Конечно, поразително е што Црна Гора по 14 години од обновата на независноста е по поделена одошто по таа историска одлука, заклучува Улјаревиќ.

Еден од клучните фактори на сите избори во Црна Гора е излезноста. Кога беше пониска, власта лесно победуваше, но кога беше околу или над 70 проценти, беше неизвесно.

Истражувачот на јавното мислење Милош Бешиќ е уверен дека излезноста ќе биде пониска и дека тоа не му оди во прилог на ДПС.

– Овојпат може да се случи гласачите на ДПС да апстинираат, а опозициските да излезат во поголем број на гласачките места, и тоа поради Законот за слобода на вероисповед. Овој закон ги мотивираше просрпските бирачи да излезат и да гласаат, и демотивираше дел од гласачите на ДПС кои се врзани за СПЦ, вели Бешиќ за Дојче Веле.

Back to top button
Close