Дојди во пет до пет
И да се случи, не треба многу да се очекува од можната средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот премиер Росен Жељазков на самитот на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни. Всушност, не треба ништо да се очекува. Единствено двете политички гарнитури да си ја засилат позицијата во сопствената јавност. Македонските претставници да тврдат дека вината е само кај Софија, бидејќи таа не е подготвена на компромиси и „креативно решение“ од страна на ЕУ, а бугарските политичари ќе тврдат дека напредокот е поврзан со францускиот предлог и исполнување на условите во него. И така ќе се заврти уште еден круг.
Едно мало потсетување не е на одмет да се претпостави каков би можел да биде резултатот од овие можни разговори. На почетокот на октомври 2021 во Брдо кај Крањ, во време кога Словенија беше претседавач со ЕУ и се одржуваше самитот на Унијата со Западен Балкан, се одржаа два вакви слични состаноци од кои не произлезе ништо. Тогаш македонски премиер беше Зоран Заев, а бугарски претседател Румен Радев. Во Бугарија се очекуваше одржувањето на парламентарни избори. И тогаш околу нив беше силна меѓународна екипа. Заев и Радев имаа работен појадок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, и словенечкиот премиер Јанез Јанша. Потоа имаше и друга средба на Радев и Заев, на која како „олеснувачи“ беа францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка, Ангела Меркел. И од двете средби, поврзани со бугарската блокада на Македонија за ЕУ имаше едно – големо ништо.
Потсетување на Брдо
Заев, очигледно резигниран, од Брдо изјави дека „чекорите и блокадите што ги презема бугарскиот преседател Румен Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани… Двете страни, веднаш по изборите во Бугарија и во Македонија, како што ни прилега со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Но, исто така не е нова вест дека нашиот гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговори… За жал, и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија“.
Радев зборуваше сосема друго: „Клучот за согласност на Бугарија воопшто не е сложен – се состои во целосно имплементирање на Договорот за добрососедство. Потоа, македонските Бугари да бидат подеднакво рамноправни со останатите седум народи наведени во Уставот на Македонија и тоа треба да биде јасно наведено во Уставот. Второ, македонските Бугари да бидат јасно наведени во резултатите од пописот. Трето, како што беше признаена историската вистина во односите со Грција, истото да биде сторено и со Бугарија. Објективните факти од нашата општа историја не може да бидат подложени на мултиперспективно толкување“.
Тогаш Радев на средбата со Макрон, Меркел и Заев ја потенцираше агендата 5+1. Полека, во наредните месеци, тоа нѐ донесе до компромисот наведен во францускиот предлог.
Мажи во костуми со вратоврски (бугарскиот претседател Руман Радев лево, македонскиот премиер Зоран Заев во средина, францускиот претседател Емануел Макрон во средина и македонскиот вицепремиер Никола Димитров десно) разговараат пред врата на просторија со бели ѕидовиМажи во костуми со вратоврски (бугарскиот претседател Руман Радев лево, македонскиот премиер Зоран Заев во средина, францускиот претседател Емануел Макрон во средина и македонскиот вицепремиер Никола Димитров десно) разговараат пред врата на просторија со бели ѕидови
Сега Софија не зборува за некоја друга агенда, туку за исполнување на одредбите од францускиот предлог и постојано нагласува дека веќе нема билатерално прашање, туку работите се сведени на односите на Македонија со ЕУ.
Затоа, по острите реакции од Софија, откако беше изречена осудителна пресуда една година затвор условно за претседателот на згаснатиот клуб од Битола, „Ванчо Михајлов“ (од МНР, од ГЕРБ и други политички партии) не може да се очекува речиси ништо од нашите постојани повици бугарскиот претставник (прво претседателот, а сега премиерот) да „дојде на средба во пет до пет“, за да се разговарало за евентуален пробив за излез од ќорсокакот. Па, да биле присутни Фон дер Лајен, па Антонио Кошта, Каја Калас, па ако може и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Кога паѓаат ракети во Иран, кога израелските напади го убија првиот ешалон на војската и Револуционерната гарда на режимот во Техеран, кога Израел е нападнат со ирански балистички проектили, кога Газа е спржена земја и уште повеќе се спржува; кога Русија не ни помислува да го намали интензитетот на војната во Украина, кога Европа забрзано почнува чекори за милитаризација, кога Доналд Трамп бара од членките на НАТО да го зголемат вооружувањето на пет отсто од БДП – кога толку многу влогови ќе бидат на масата на лидерите на Алијансата, изгледа политички прилично наивно да се верува дека во Хаг темата Македонија-Бугарија ќе биде важна за високопрофилен состанок. Тој во некоја рамка може и да се случи, но да се очекува нешто продуктивно од неа е речиси илузорно.
Сиљановска вчера изјави дека за неа не е проблем да разговара со бугарскиот премиер (иако, тврди, би било пологично да разговара со претседателот) за да се деблокира патот кон ЕУ.
„Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме јас не знам, јас ќе бидам таму ако ми е мене редот. Предлогот дојде од господинот Антонио (Кошта) и сега кога бев во Ница тој ме информираше дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Жељазков. Јас секогаш велам дека може да дојде до израз европската креативност, која неколкупати сме ја виделе, еве и во овој случај заради доброто на регионот и заради можеби најважниот процес во моментов европски – процесот на проширување“..
Сијарто и вината на Софија
Додека таа ги изговараше овие зборови, на друго место во Скопје, унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, речиси и да ја отфрли вината од Софија за ќорсокакот во кој е Македонија. Не била толку виновна Бугарија, туку значаен број западноевропски земји, чии лидери ги мамеле македонските граѓани. Сијарто, чија влада е во постојан судир со ЕУ поради непочитување на владеењето на правото и големото богатење, и тоа од фондовите на ЕУ, на круговите околу премиерот Виктор Орбан, додаде уште една (прилично голема) тула во градењето на евроскпетицизмот во нашата јавност. Унгарија е во ЕУ, земаше големи пари две децении од ЕУ за да се развива и сѐ уште зема и покрај некои ограничувања, сега како да гради антиевропска агенда во Македонија. Во чиј интерес? На Будимпешта? Или на сегашниве владетели во Скопје.
Зборовите на Сијарто во Скопје се амблематични и затоа треба некои од нив да се цитираат за да се види со кого Македонија склучи договор за стратешко партнерство. А и македонската јавност да се потсети зошто унгарското претседателство со ЕУ го стави на дневен ред и го поддржа одвојувањето на Албанија од Македонија во процесот на пристапување. И зошто унгарската влада склучи важен договор со бугарската за непречено снабдување со руски гас, отако запре славината низ Украина?„Бугарија навистина отворено ги попречува вашите настојувања за интеграција, но вие не чекате поради тоа 20 години во редот, поради тоа што Бугарите се спротивставуваат. Не лутете се, но морам да кажам дека ситуацијата во врска со тоа е многу потешка. Во овој момент оние држави-членки во ЕУ коишто го поддржуваат проширувањето кон Западен Балкан се малцинство…
Поголем дел од државите-членки кога доаѓаат кај вас, јавно ви зборуваат со убави зборови колку многу го поддржуваат зачленувањето на Северна Македонија во Европската унија. Но кога остануваме сами зад затворени врати, ние 27 земји-членки, тогаш мнозинството веднаш почнува да зборува за тоа зошто не би можела ЕУ да се проширува кон Западен Балкан…
Искрено можам да кажам дека западноевропските држави кога зборуваат за проширувањето ве мамат, бидејќи некои од овие држави од регионот чекаат на прием повеќе од 15 години“, кажа Сијарто.
Потоа ѝ даде посредно право на Софија за блокадата на Македонија поради бугарското малцинство, зборувајќи како Будимпешта ја блокира Украина во пристапувањето кон ЕУ поради унгарското малцинство таму. Во поткарпатскиот дел живеат 156.000 етнички Унгарци. Тоа е големо малцинство, вели Сијарто. Во бројка тоа навистина изгледа големо малцинство, но претставува само 0,4 отсто од вкупното население на Украина. И Сијарто вели дека додека не му се почитуваат неговите права, кои официјален Киев ги намалил, тогаш Будимпешта ќе ги блокира натамошните преговори. „Унгарското малцинство постојано е под ограничивања во користењето на мајчиниот јазик, постојано се ограничуваат нивните права на полето на образованието, јавната управа, медиумите… И доколку зборуваме за европските вредности, тогаш заштитата на националните малцинства е еден многу важен аспект во ЕУ и јас не можам да замислам една држава членка на ЕУ која отворено ги крши сите овие важни европски вредности. Така што ние од наша страна велиме ‘да’ за зачленување на Западен Балкан, а ‘не’ за зачленување на Украина”, нагласи Сијарто.
Човек со очила и сериозен израз на лицето, со бела кошула, палто и вратоврска (унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто) гледа пред себе со слушалка на десното увоЧовек со очила и сериозен израз на лицето, со бела кошула, палто и вратоврска (унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто) гледа пред себе со слушалка на десното уво
Семе на сомнеж
Некој ќе рече дека ситуациите се различни, но суштината е иста – една земја членка ја блокира Украина поради нејзиното етничко малцинство. И што е толку многу поразлично кога поради промената на уставот и внесување на бугарското малцинство Софија ја блокира Македонија? Во основа, Сијарто дава совети кои Македонија ја оддалечуваат од ЕУ.
Се разбира, Сијарто не може да даде примери на земји кои не ја сакаат Македонија (и другите земји од Западен Балкан) во ЕУ, но може да посее семе на сомнеж. Гротескно е што Сијарто и владата на Виктор Орбан сега е дел од групацијата на најголемите скептици за проширувањето на ЕУ, а зборуваат дека некои други не сакале нови членки на Унијата. Некои од таа политичка групација, Патриоти за Европа, отворено се залагаат веднаш да прекинат преговорите со кандидатите за членство во ЕУ. Најпроминентен член на оваа групација е Националниот собир на Марин Лепен, чиј европратеник за извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија предложи амандман веднаш да прекинат преговорите на ЕУ со нашата земја.
Премиерот Христијан Мицкоски на крајот на мај беше на Конференцијата на конзервативната политичка акција во Будимпешта, на собирот на унгарската франшиза на оваа американска политичка организација. За да бидат работите појасни, еве го составот на учесниците на оваа конференција, која во дел од македонската патриотска јавност беше претставена како голем политички настан. На неа зборуваше и Петер Сијарто, а другите учесници речиси унисоно се против какво било проширување на ЕУ. Дали на нив мислел Петер Сијарто не знаеме.
Кој беше во Будимпешта на дводневниот собир, покрај високите унгарски владини претставници и врвни членови на партијата Фидес, вклучувајќи го и премиерот Виктор Орбан?
Првиот ден зборуваше премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе, кој ефективно ги замрзна преговорите на неговата земја со ЕУ до 2028, ги затвори европските институции во Тбилиси и ја носи државата во орбитата на Москва. Потоа, зборуваше и големиот евроскептик од Чешка, поранешниот премиер Андреј Бабиш. Свои обраќања имаа лидерот на крајната десница во Австрија, Херберт Кикл, потоа уште подесниот од него, претседателот на шпанската партија Вокс, Сантијаго Абасакал, па левичарскиот популист од Словачка, премиерот Роберт Фицо; поранешниот премиер на Полска, Матеуш Моравјецки, лидерката на популистичката екстремно десничарска партија од Грција, Глас на разумот, Афродити Латинопулу. Главни ѕвезди беа копретседателката на екстремнодесничарската Алтернатива за Германија, Алис Вајдел, и лидерот на уште подесната партија од Холандија ПВВ, Герт Вилдерс. Не помало внимание привлече и познатата инфлуенсерка од Холандија за овие патриотски кругови – Ева Влардингербрук.
Во тоа друштво зборуваше Христијан Мицкоски, како единствен претставник од групацијата на Европската народна партија. Дури ни партијата на Александар Вучиќ (големиот пријател на Орбан), која е дел од ЕПП, не испрати свој претставник таму. Ниту пак партијата на Јанез Јанша. Тие се патриоти, но не сакаат да се врзуваат со Патриоти за Европа. Мицкоски зборуваше на последната сесија насловена „Господ, татковина, семејство“.
Еве само неколку реченици од тоа обраќање:
„Патриотизмот не е некаква ретро идеја, туку единствениот пат кон просперитетна иднина.
Прво и основно – Бог. Не како апстрактна идеја, туку како жив Творец кој нè повикува на вистина, правда и на милосрдие…
И конечно – семејството. Најсветата институција што ја создал Бог“.
Па цитираше делови од Библијата, а рече и дека се присетил и „на еден впечатлив говор на претседателот Трамп“.
Тоа е друштвото во кое сега повеќе се препознава лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, кое е екстремно десничарско, кое е против прошуравањето на ЕУ, особено кон Западен Балкан; во кое лагодно се чувствува и пропагира Петер Сијарто и потоа среде Скопје фрла „гачки“ дека некои други во ЕУ, од други политички групации, ја спречувале Македонија на патот кон ЕУ. Дека главниот виновник не била Бугарија.
Ако не е Софија, тогаш зошто македонските раководители треба да разговараат со бугарските првенци? Да им помогнат политичарите од Софија за заедно да ја урнат блокадата од „лицемерните” западноевропски центри? Па тогаш, целата антибугарска кампања на владејачките сили во Македонија и нема никаква смисла, кога „непријателот“ бил на некое друго место. Како што тврди Петер Сијарто. (Dw)
Љупчо Поповски