До крајот на годината јавен повик за изградба на третата фаза од пругата кон Бугарија, најави Бочварски

Тргнувајќи од важноста на Коридор 8 како дел од европската транспортна мрежа, изградбата на оваа пруга е предуслов за одржлив економски развој не само за нашата земја, туку и за целиот регион, смета министерот за транспорт и врски

До крајот на годината очекувам да го распишеме јавниот повик за изградба на третата фаза на пругата на Коридор 8, односно од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Ова денеска го истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и директорот на ЖРСМ Инфраструктура, Зоран Трифуновски, извршија увид на изградба на пругата од Куманово до Бељаковце.

„Исто така очекувам многу брзо пратениците да ги изгласаат законите за заем од меѓународните финансиски иснтитуции и со тоа да ја заокружуме финанисиската конструкција за изградба и на последниот дел од пругата. Секако за оваа фаза имаме обезбедено и грант средства,посочи тој.

Делницата од Куманово до Бељаковце е во должина од 31 километар, инвестиција е во вредност од 40 милиони евра.

Според министерот, втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка е во вредност од 155 милиони евра за изградба на 34 километри нова пруга.

„Изградбата на железничка пруга од Куманово до Крива Паланка и во следна фаза до границата Деве Баир, инвестиција од преку 700 милиони евра е сериозен чекор во развојот на регионалната железничка мрежа. Тргнувајќи од важноста на Коридор 8 како дел од европската транспортна мрежа, изградбата на оваа пруга е предуслов за одржлив економски развој не само за нашата земја, туку и за целиот регион. Денешната посета на оваа прва делница заедно со министерот Спасовски и директорот Трифуновски е доказ за тоа колку е важна оваа пруга, не само како инвестиција за Владата, туку како капитален проект кој ќе овозможи огромен општествен придонес за граѓаните, за стопанството и за целата државa“изјави министерот Бочварски.

Изградбата на железничка пруга од Куманово до ГП Деве Баир е инвестиција од преку 700 милиони евра.

Според директорот на ЈП ЖРСМ, Зоран Трифуновски, бројките говорат за успешноста на овој проект.

„Со полно право може да изјавам дека овој договор е пример како треба да се раководи еден вака значаен проект. Исто така сакам да потенцирам дека вложувањето во сите три фази на источниот крак од железничкиот Коридор 8, претставува најголемата инвестиција во железничката инфраструктура од осамостојувањето до денес”изјави тој.

Министерот потенцира дека во Собранието се изгласал и Законот за либерализација во железничкиот сообраќај, процес со кој се очекува да влезат нови оператори кои ќе возат по домашните пруги како услов за зголемување на конкуренцијата во товарниот сообраќај.

 

 

Back to top button
Close