До крајот на годинава Армијата ќе добие два нови хеликоптери, најави Мисајловски
Модернизацијата на Армијата се реализира согласно планираната динамика – изјави министерот за одбана Владо Мисајловски во обраќањето на свеченоста во Охрид по повод одбележувањето на Денот на Армијата – 18 август.

Мисајловски вели дека во тек е набавката на различни видови опрема – артилериски системи, средства за противвоздушна одбрана, беспилотни и системи за противоклопна борба, опрема за киберзаштита, за воздухопловна поддршка и комуникациски системи.
„Веќе се испорачани лесните оклопни возила JLTV и ‘Страјкер’, артилериските системи ‘Боран’ и најголем дел од системите за противвоздушна одбрана ‘Мистрал 3’. До крајот на годинава се очекува да бидат испорачани и првите два нови хеликоптери. Повеќе од јасно е дека конвенционалното војување е променето и за да се биде подготвен за одговор, потребно е да се направи адаптација во сфаќањето и одбраната“ рече Мисајловски и додаде дека по подолга неактивност, во функција ќе биде ставен и Центарот за обука на пилоти.
Паралелно со опремувањето на Армијата, според министерот, ќе се вложува и во подобрување на инфраструктурата во касарните, за што во наредниот период се предвидени инвестиции од над 12 милиони евра. Најави и ново законско решение за професионалните војници кои наполниле 45 години, како и зголемување на платите од следната година.





