До пред месец во притвор, сега на Босфор: Јахоски добил времен пасош од судот, бил на прослава во Истанбул
Асмир Јахоски, кој до пред еден месец беше во притвор во затворот во Шутка, денеска се појави на фотографии од Босфор, односно Турција. Откако му беше укинат притворот, нему му беше одземен пасошот, а тој даде милиони како гаранција дека нема да бега. „Скопје1“ дознава дека тој потоа побарал времено да му биде вратен пасошот, па така, неговото заминување во Истанбул, е законско, бидејќи судиите одобриле.
Можеби и немаше да се дознае дека бизнисменот кој е газда на „Пуцко петрол“ и осомничен за злоупотреби е во Турција, но го „издадоа“ фотографиите објавени од Алија Јахоски, кој честиташе „завршено образование“ на член на семејството. На две од нив е и осомничениот Асмир Јахоски. На едната се заедно со чичко му, татко му и славеникот, а на другата, заедно со татко му и славеникот.
Останува непознато кога му бил издаден времениот пасош на Јахоски, ако се има во предвид дека на 06 мај тој остана без патна исправа бидејќи судот му ја одзема одредувајќи му мерка за обезбедување присуство. Од судот, дополнително ќе побараме одговор кога треба Јахоски да се врати во Македонија. Во решението од Апелација, стои и дека секој прв понеделник во месецот тој треба да се јавува во Кривичен суд, што би значело, дека тоа треба да го направи утре.
Јахоски е осомничен во истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. За тоа како излезе од притвор, пишувавме минатиот месец.
Извор скопје 1.мк