Доаѓа едно од најжешките лета во Македонија, во јули пик на температурите
Претстојното лето во Македонија ќе биде натпросечно топло и посушно од вообичаено, покажуваат најновите анализи на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Според синоптичарите, во текот на летните месеци се очекува температурите да достигнат вредности над просекот на глобално ниво, што ќе се одрази и низ целиот југоисточен дел на Европа.

На територијата на нашата држава, термометрите во одредени периоди би можеле да покажат вредности кои се и за 3°C повисоки од повеќегодишниот просек за оваа сезона. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот се очекува да биде забележано во текот на месец јули.
Паралелно со високите температури, за претстојната сезона се прогнозира дека вкупните сезонски врнежи генерално ќе бидат пониски од повеќегодишниот просек во поголемиот дел од земјата, со умерена веројатност за исполнување на ваквите предвидувања.
Од УХМР дополнително укажуваат на зголемениот ризик од појава на нагли и екстремни временски непогоди како директна последица на глобалните климатски промени.
„Земајќи ги предвид досегашните анализи, климатските промени дополнително го засилуваат влијанието на условите на Ел Нињо, со што се зголемува веројатноста за појава на екстремни временски настани, како топлотни бранови, суши и пожари. Од друга страна, долготрајните периоди без врнежи создаваат услови за појава на екстремни поројни дождови и поплави, што ја нагласува комплексноста и непредвидливоста на климатските ризици“, посочува Управата за хидрометеоролошки работи.






