Добар процент пациенти со Ковид-19 доаѓаат во болница откако состојбата им е значително влошена, тврди Филипче

Анализата на хоспитализирани и нивното доаѓање во болница упатува на заклучокот дека има еден добар процент пациенти со Ковид-19, кои доаѓаат во болница откако состојбата им е значително влошена. И најмало влошување треба да биде знак дека е потребна хоспитализација заради тоа што тоа е начинот на кој би се избегнале сериозни компликации и смртен исход, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека во изминатиот период целиот тим на Министерството за здравство и менаџерите на болниците биле посветени на менаџирање на капацитетите и ресурсите и организацијата на системот на ротација.

– Работиме на подготовка на капацитетите за есенскиот период. Во следниот период ќе имаме целосно подготвен план за тоа кои би биле дополнителни кревети кои би се користеле за сместување пациенти ако се наметне потреба во есенските месеци со план за ротација на медицински персонал. Изминатите денови имав средба со директори на болниците во Штип, Охрид и Битола и ги разгледуваме евентуално дополнителните капацитети кои би можеле да се користат како болнички. Има неколку студентски домови во Охрид, Битола, каде може да се сместуваат пациенти, но е прашање како тоа ќе се изменаџира во следниот период со Министерството за образование и како тие капацитети ќе бидат исполнети со студенти, рече Филипче.

Тој потенцира дека денеска се хоспитализирани 421 пациенти – позитивни и суспектни примени во изминатите 24 часа, а во однос на состојбата со болничките капацитети, истакна дека на Инфективната клиника во изминатите 24 часа се примени пет пациенти, вкупно се хоспитализирани 90 пациенти, на кислородна поддршка се 53 пациенти, а во Клиниката има 20-тина кревети кои се на располагање.

Овој тренд на многу помал број примени пациенти, нагласи Филипче, трае повеќе денови споредено со периодот од пред една недела до десет дена.

– Во болницата во Козле се хоспитализирани 29 возрасни пациенти и четири деца. Во ГОБ „8 Септември“ се примени шест нови пациенти, вкупно се хоспитализирани се 122 пациенти, на респираторна машина се тројца пациенти, 88 се потврдени дека се позитивни на вирусот, а за другите се чека резултат. Во болницата во Битола се хоспитализирани 37, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. И во двете болници има слободни кревети за следните денови. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 94 пациенти и нема одделение во кое нема слободни кревети во овој момент, додаде Филипче.

Back to top button
Close