Добрососедство мерливо според постигнати резултати, ветија Ковачевски и Петков, на 25 јануари меѓувладина седница во Софија

Историјата ставена во втор план, со фокус на градење на добрите односи меѓу граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати е пристапот кој вчера го соопштија премиерите на двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

Новиот бугарски премиер вчера беше во посета на земјава, со порака, како што повеќе пати посочи изминатите денови за поттикнување на процесот за приближување на двете земји, кој изминатиот период беше во застој и резултираше со уште едно вето за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Приближувањето ќе се спроведува прагматично, најпрво онаму каде што нема препреки и тоа преку формирање на конкректни работи групи, кои ќе работат во одредени и области, ќе се состануваат со динамика еднаш месечно и ќе бидат предводени од експерти во дадената област, а не од политичарите.

За работните групи подетално ќе се разговара на меѓувладината седница на двете држави, која како што објавија Ковачевски и Петков ја закажале за 25 јануари во Софија, а она што двајцата премири вчера го договориле е користењето на краткото име Северна Македонија, подеднакво како и долгото Република Северна Македонија, што беше едно од барањата во патоказот пет плус еден.

Бугарија, како што соопштија вчера на прес-конференција двајцата премиери, прифатила да го користи скратеното име Северна Македонија, подеднакво, како и долгото име Република Северна Македонија и нема да ја кочи употребата на тоа име во меѓународните процеси. За тоа ги известила Обединетите нации, а и Северна Македонија со вербална нота до ОН потврдила дека користењето на краткото име нема никакви импликации врз територијалниот интегритет на Бугарија.

Следното што ќе треба да го направат двете земји е финализирање на договорот за прекугранична соработка за периодот 2022-2029, во рамките на кој е и отворањето на граничниот премин Клепало. За еден месец треба да се изработат точните спецификации, а веќе за 60 дена се очекува и воведувањето директна авиолинија Скопје-Софија.

Ковачевски на заедничката прес-конференција посочи дека со Петков си ветиле дека ќе ја искористат новата енергија и преку нов пристап базиран на заемна почит ќе ги унапредуваат односите меѓу двете земји.

– И јас и тој имаме иста заедничка цел да создадеме услови за подобра иднина на граѓаните на Република Северна Македонија и Бугарија. Оваа денешна посета на колегата Петков коинцидира со 30-годишнината од признавањето на Република Бугарија на нашата земја под уставното име. Бугарија е прва која не призна и направи пријателски чин во исклучително сложени политички услови. Триесет години подоцна отвораме еден нов прозорец на соработка кој веруваме дека ќе резултира со нов пријателски и добрососедски чин, поддршка за нашата евроинтеграција, рече вчера Ковачевски.

Бугарскиот премиер од своја страна, изјави дека со Ковачевски имале добар и пријателски разговор и оти се согласни добрососедството на двете земји да се качи на уште повисоко ниво.

– Многу сум среќен што можам да кажам дека оттука натаму добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати. Јас многу се радувам за напредокот што беше постигнат денеска и што можам мирно да кажам Северна Македонија, рече Петков.

Тој нагласи дека со неговиот колега Ковачевски се согласни и натаму да продолжи брзината со која се движат работите со цел постојано унапредување на односите и добрососедството.

Дека тоа така ќе продолжи, потенцира Петков, говори и фактот што наскоро, веќе на 25 јануари ќе се одржи и седница на двете влади, а најави дека потоа секоја седмица една од групите ќе се состанува со јасни цели и јасни резултати. На тој начин, вели Петков, ќе им покажеме на двата народа од двете земји дека добрососедството се мери практично, а не само на ниво на политички изјави.

Најавени пет работни групи, нивното дефинирање на меѓувладината седница

Работни групи во областите инфраструктурата, економијата, трговијата, иновациите, евроинтеграциите, образование, културата, договориле вчера двајцата премиери, а во нив ќе биде вклучена и Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

– Со премиерот Петков денеска доминантно разговаравме за воспоставување на работни групи, во областа на инфраструктурата, економијата, трговијата, иновациите, евроинтеграциите и во областа на образованието и културата. Сметаме дека тоа се области кои значат многу повеќе за граѓаните, за нивната иднина за граѓаните од сите возрасти посебно за младите. Тие се направени како меѓуресорски работни групи во кои нема да учествуваат само политичари, туку ќе учествуваат и претставници на секторите за кои се однесуваат, изјави вчера Ковачевски.

Дилеми деновиве се јавија во врска со работата на Комисијата за историски и образовни прашања, со оглед на тоа што Петков во најавата за нови работи групи ја споменуваше и таа за историја, и за тоа дали тоа значи укинување на постојната комисија, паралелна работа на две такви тела или евентуални промени на постоечката, нешто што како можност го најави шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Ковачевски вчера истакна дека историската Комисија веќе има свој план за работа и врз основа на тоа што го имаат сработено и историчарите кои се членови на таа комисија, како што рече, ќе треба самите да информираат во однос на тоа што и на кој начин договориле врз основа на методологијата и фактите на кои работат.

– Што се однесува до Историската комисија гледате дека овде нема претставници на историската Комисија. Значи, историчарите работат во еден подолг процес, бидејќи се работи сега и за период во минатото којшто тоа го прават врз основа на методологија и врз основа на дефинирање на одредени факти што ги имаат регулирано согласно со методологијата и јас лично се надевам дека прво, членовите на историската Комисија ќе информираат заеднички за тоа што е договорено и дека тоа што заеднички е договорено ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото, вели Ковачевски.

Во однос на работните групи и тоа што е досега постигнато, Петков рече дека за разлика од досегашниот пристап, сега на неделни средби ќе се разговара за реалните можности на сите комисии, вклучително и на историската Комисија.

– Врз база на тоа што и Димитар го кажа, дека ќе се фокусираме на работите кои не зближуваат, а прашањата кои не се разјаснети ќе им дадеме и подолг рок тоа да се случи. Но, важно е да се работи, да се среќаваме и да бидеме во постојана комуникација, изјави Петков.

Тој исто така изрази надеж дека сега, откако историската комисија е една од петте комисии, тие ќе бидат во една многу поинаква средина – во средина на добар дијалог и конструктивна активност.

Шефот на државата Стево Пендаровски вчера во интервју за ТВ 24 нагласи дека петте комисии кои треба формално да се оформат на меѓувладината седница, што треба да се одржи на 25 јануари во Софија, ќе бидат новата методологија за работа, така што де факто нема повеќе план 5+1, кој произлезе по, како што рече, пропаднатиот Лисабонски предлог, и тој е надвор од маса.

Во Договорот за добрососедство има јасна дефиниција на јазикот, порача Петков

За македонскиот јазик Петков вчера не сакаше да даде директен одговор на заедничката прес-конференција со Ковачевски за тоа на каков јазик се говори во Северна Македонија, повторно нагласувајќи го значењето на новата динамика, која ќе му се даде на процесот преку работните групи и мерливите резултати.

На новинарско прашања да ги именува јазикот и народот во државата во која се наоѓа, Петков со одговор дека во Договорот за добрососедство имаме многу јасна дефиниција за јазикот и тезата за јазикот, како и во дел од другите документи кои се потпишани.

– Бугарија прва ја призна независноста на Северна Македонија и истовремено, со тоа, ние апсолутно го почитуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија како и користењето на сите ваши јазици, како што се дефинирани со Уставот. Имаме полно почитување на тоа и ќе продолжиме во најконструктивен дух да ги третираме овие прашања, рече Петков.

Тој додаде дека отсега натаму фокусот ќе биде на новиот конструктивен дијалог. – Ставаме акцент на сите работи кои се заеднички и кои имаат можности за збогатување на нашите односи и заедно со нив самите работни групи ќе стават акцент на специфичните прашања кои ќе треба да ги решиме, изјави Петков.

Ковачевски, пак, нагласи дека ние сме држава која е признаена од страна на Бугарија и која во своето уставно уредување го има македонскиот јазик.

– Ние имаме веќе потпишано билатерални договори со Бугарија во кои се регулира начинот на кој се потпишани тие договори, согласно официјалните јазици на државите. Нашиот македонски јазик е дел од повелбата на ОН и од другите мултилатерални институции и организации во кои ние членуваме и дека согласно со напредокот во работата на комисиите дека во делот на прашањата кои значат подобар живот за сите граѓани и зближување на сите граѓани од двете држави дека сите овие прашања кои се однесуваат на историските делови дека ќе бидат во втор план, а во прв план ќе дојде градењето на добри односи меѓу граѓаните, во зближувањето на граѓаните како и во зајакнување на соработката меѓу нив што ќе ни даде доволен стимул и доволно аргументи да го направиме финалниот исчекор во постигнување на договор со Бугарија и конечно отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, нагласи Ковачевски.

Според шефот на државата Пендаровски, пак, ниту еден од бугарските политичари, дури и екстремните националисти од претходната Влада, не го спореле македонскиот јазик, ниту тоа дека ние сме денес Македонци.

– Ние и утре да постигнеме договор со Бугарија, можно е Бугарија да го задржи правото да го нарекува нашиот јазик македонски јазик во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, ама во билатерален контекст, рече меѓу другото шефот на државата.

Прашањето за малцинствата оставено за понатаму

Петков вчера имаше и средба со претставници на бугарската заедница во земјава, која се одржа во бугарската Амбасада. Тој изминатите денови пред посетата на Скопје во интервју за МИА посочи дека едно од почувствителните прашања на кое треба да се посветат двете земји се правата на Бугарите во Северна Македонија, како и можноста тие да бидат внесени во македонскиот Устав, но во однос на македонското малцинство во Бугарија беше дециден дека тоа не постои.

Бугарскиот премиер пред доаѓањето во Скопје рече дека ниту тој, ниту други претставници на Владата не разговарале со претставници на Амбасадата на САД во Бугарија за признавање на македонско малцинство во земјата.

– Нема такво малцинство и за такво малцинство не може да се зборува, порача тогаш Петков и наведе дека постои усогласен став на бугарската политика, потврден од Консултативниот совет за национална безбедност пред една недела, дека позицијата на Бугарија кон Северна Македонија не е променета, туку е само надградена со работни групи.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера во интервју за Телма во однос на македонското малцинство во Бугарија остана на ставот, кој го изнесе и претходно, а тоа е дека Северна Македонија останува на принципот на немешање во внатрешните прашања на која било наша соседна држава.

Маричиќ нагласува дека за сите отворени прашања со Бугарија, вклучувајќи го и ова, за малцинствата, ќе се разговара. На прашањето дали има македонско малцинство во Бугарија, вицепремиерот одговори: „Ако таму има луѓе кои така се декларираат, како Македонци, тоа е нивно право и тоа никој неможе да им го ускрати. Нивниот статус во државата Бугарија зависи од уставното уредување на Бугарија и од правата коишто им ги дава таа држава“.

Тој е дециден дека секој има право да се декларира како што мисли дека треба и се повика на 36. Амандман во Уставот, со кој се утврдува улогата на нашата држава во однос на заштита и на македонскиот народ, но исто така и на нашите државјани, но и принципот на немешање во внатрешните прашања на која било друга држава.

– Тоа ми беше поентата да го кажам, притоа не негирајќи што било или кого било. Секој има право во Европа да се декларира како што која етничка припадност мисли дека ја има и тие свои права да ги остварува во рамките на државата каде што живее, објасни Маричиќ, кој додаде дека постојат и голем број конвенции, принципи, повелби и декларации кои ги заштитуваат малцинските права.

Со Петков вчера средба имаше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој по состанокот изјави дека нема ништо лошо да и се случи на државата, ако го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија.

– Зборував многу отворено за ова со Петков. Ние сме целосно ангажирани да се почитува и да не му се оспорува правото на никој да се декларира, без притисок, така како што чувствува, тоа да се рефлектира во Уставот. Мислам дека  ништо лошо нема да ѝ се случи на државата ако ние го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија. Значајно е да се отворат преговори за зачленување во ЕУ зашто така градиме сигурна иднина, рече Ахмети, нагласувајќи дека тоа е стратегија значајна за почеток на преговорите за ЕУ.

Претседателот Стево Пендаровски, чиј кабинет минатата недела потврди дека го прифатил барањето за средба со претставници на ОМО „Илинден Пирин“, една од организациите и здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, која има добиено 11 од вкупно 16 пресуди пред Европскиот суд за човекови слободи и права од Стразбур за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, вчера изјави дека барањето на Бугарија, Северна Македонија да ги запише Бугарите во Уставот е мешање во внатрешните работи.

Тој рече дека Македонци во Бугарија постојат, но тие се бугарски државјани и нивното право од тој аспект треба да го бараат на индивидуално ниво. Доколку ги исцрпат сите правни механизми во Бугарија и не добијат такво право, тогаш се обраќаат во Стразбур.

– Македонци во Бугарија постојат. А дали ние од тука, како држава ќе се мешаме да ги помагаме нивните права, не. Зошто не? Правило број еден во меѓународно право, меѓународна политика, член два од Повелбата на ОН – важи за сите држави во светот: нема мешање во внатрешните работи на државата. Тие се бугарски државјани, граѓани на Република Бугарија. Ве уверувам дека македонската држава никогаш на ниво на држава не се обидувала таму да ги буцка, да ги провоцира, да им вели – излегувајте, да им дава помош. Тоа се решава на индивидуално ниво. Се чувствуваш како Македонец, ќе го кажеш тоа. Ако не ти даваат, одиш во Стразбур. Тоа е патот. Нема друг начин, истакна Пендаровски во интервју за ТВ 24.

А за македонското малцинство вчера порака испрати и поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во Бундестагот, Михаел Рот. Тој на својот Твитер профил ја поздрави средбата на Петков и Ковачевски и објави дека Бугарија конечно треба да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонското малцинство во Бугарија.

– Многу е добро што се среќаваат новите премиери на Бугарија и на Северна Македонија. Како што Северна Македонија признава бугарско малцинство, конечно Бугарија мора да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонско малцинство во Бугарија. Во ЕУ ниту една земја не смее да одлучува за јазикот и културата на друга земја, објави Рот на Твитер.

Петков, пак, вчера на прес-конференцијата во Скопје не сакаше да навлегува ниту во прашањата поставени од бугарските новинари во врска со условите од бугарската рамковна позиција, меѓу кои „рехабилитација на жртвите на комунизмот, кои биле гонети поради бугарската самосвест и оштетувањето на табли и натписи“. Тој кусо одговори дека било разговарано за сите прашања, но дека тоа што е важно, е дека и двајцата разбираат дека овие специфични прашања треба да бидат решени.

– Да, ќе работиме на нив како дел од заедничката работа, но ќе бидат во сосема различна димензија кога се ставени и во контекст на сите други работни групи. Одговорот е да, но фокусот од тука натаму треба да биде зошто е толку важно нашите две држави да го имаат тоа добрососедство, а не само да се фокусираме на проблемите што треба да бидат решени, но тоа е сосема друг пристап, истакна Петков.

А Вашингтон вчера излезе со порака дека не размислува за санкции против бугарската Влада и оти верува дека Софија и Скопје ќе си ги надминат разликите.

– САД силно го поддржуваат пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија и веруваат дека тоа ќе биде од корист за сите земји во регионот, се наведува во соопштението на портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не размислува за санкции против бугарската Влада и е убедена дека владите на Северна Македонија и Бугарија започнале конструктивен дијалог кој ќе помогне навремено да се решат нивните разлики.

– Го цениме силниот интерес на американскиот Конгрес за ова прашање и ќе продолжиме да одржуваме тесна координација со Конгресот за ова прашање, се вели во соопштението на Прајс.

Петков во посета на Скопје беше придружуван од Кристиан Вигенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија и бугарските министри за надворешни работи и за транспорт и врски, Теодора Генчовска и Николај Сабев. Бугарската делегација на аеродромот во Скопје беше пречекана од министерот за надворешни работи Бујар Османи, а официјалната посета започна со церемонијален пречек пред Владата и со високи државни и воени почести.

Петков имаше средби и со шефот на државата Стево Пендаровски, со претедателот на Собранието Талат Џафери и со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој и Ковачевски вчера положија цвеќе на спомениците на „Св. Кирил и Методиј“ и на „Св. Климент и Св. Наум Охридски“ во центарот на Скопје, а присустуваат и на отворањето на канцеларијата на бугарската новинска агенција БТА во Скопје. За време на одржувањето на меѓувладината седница, на 25 јануари во Софија ќе биде отворена и канцеларијата на МИА во Република Бугарија

Back to top button
Close