Додека целата јавност го осудува насилството врз градоначалничката на Скопје, само Мицкоски го одобрува – реагираат од СДСМ

Додека целата јавност го осудува вчерашниот инцидент во Чаир, каде беше извршено насилство врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, единствено Мицкоски го одобрува – реагираат од опозициската СДСМ по денешните прозивки од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ од каде соопштија дека само СДСМ и бугарските политичари застанале во одбрана на Данела Арсовска.

Од СДСМ велат дека како и досега, кога се соочува со критика, премиерот ја обвинува СДСМ и креира нови поделби, со што признава дека го одобрува насилството, а како што велат од опозицијата и можеби директно стои зад насилниците.

„Мицкоски е познат по заканите и тоа не би било воопшто чудно. ВМРО-ДПМНЕ јасно порача: секој кој ќе се дрзне да го открие криминалот на оваа Влада ќе се соочи со закана и заплашување.

„Се враќа ВМРО-МВРО на голема врата, но Мицкоски треба да знае дека таков систем граѓаните еднаш поразија и ќе го поразат повторно. Нема место за нов режим во нашето општество. Целата јавност го осуди инцидентот во кој беше извршено насилство врз градоначалничката на Скопје, само Мицкоски го одобрува. Како и во сите досегашни ситуации кога се соочува со критика, Мицкоски ја обвинува СДСМ и креира нови поделби“, велат од СДСМ.

Оттаму велат дека Мицкоски секојдневно го покажува своето авторитарно лице, а СДСМ веќе неколку месеци предупредува за тоа. Токму затоа, тие велат дека нема да молчат кога се во прашање слободата, безбедноста и злоупотребите и дека никој не смее да живее во страв и никој не смее да се плаши да пријави криминал на власта.

Претходно денеска, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека само СДСМ и бугарските политичари се во одбрана на Данела Арсовска.

„СДС во точно три случаи се јавува во јавноста за Данела. Првиот кога ја напаѓаше дека таа е неспособна и има бугарско државјанство. Вториот случај, кога во опозиција ја користеше за напаѓање на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. И третиот случај, кога заедно со Бугарите ја брани Данела“, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

На крајот на кусата реакција, владејачката партија повика на расветлување на вчерашниот инцидент во Чаир, како и на случајот со дивоградбите.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close