Додека Кац ги повикува жителите на Техеран да се евакуираат, Иран го ракетира Израел
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац повторно ги предупреди жителите на Техеран, кои живеат во близина на објектите на режимот да се евакуираат.
– Денеска ќе продолжиме да напаѓаме цели на режимот и воени локации во Техеран, како што направивме вчера против Дирекцијата за пропаганда и поттикнување … Жители на Техеран, не се изложувајте на опасност и не бидете заложници во рацете на диктаторот, кој ве користи за да преживеете. Долгата рака на Израел ќе продолжи да допира до секој непријател, насекаде, наведе Кац.
Во меѓувреме, иранската државна новинска агенција ИРНА јави дека е започнат нов бран ракетни напади врз Израел. Проектили се истрелани врз различни делови на Израел.
Претходно, во централниот дел на Израел се огласија сирените за тревога откако Иран лансира балистички ракети. Израелските безбедносни сили (ИДФ) пет минути пред да се огласат сирените ги предупредија граѓаните да се засолнат.
Израелските власти соопштија дека во најновиот ирански напад нема повредени лица.
ИДФ наведе дека врз централен Израел истрелани се помалку од 10 проектили, од кои повеќето биле пресретнати.
И Израел денеска, петти ден по ред, продолжи со нападите врз иранските воени и нуклеарни постројки. Во северниот дел на Техеран и во Исфахан одекнаа силни експлозии.