Додека „Пуцко и Капушевски“ се централна тема на борбата за превласт во ВМРО-ДПМНЕ: Зошто молк за средбата Рубио – Герапетритис?
Ч
Непријатно за власта е што апсењето на Јахоски, Капушевски и останатите е дел од внатрепартиската пресметка за доминација во ВМРО-ДПМНЕ: меѓу Мицкоски и Груевски и ќе реперкуира по нивната партиска вертикала.
Непријатно за опозицијата е што нејзини функционери се дел од обемна криминална афера што ќе води кон отворање на врските со актуелната власт – и до и за време и по Груевски и Заев.
Сепак за сите нив ова се подносливи и калкулирани колатерали, кои ќе треба да бидат заборавени до локалните избори.
Заедничкиот „загрозувачки“ содржател за традиционалните партии и Владата доаѓа од местото на Северна Македонија како дел од (европскиот и евроатланскиот) пристап кон Источниот Медитеран, а не само како земја од Западниот Балкан.
Тука е коренот на политиката на Мицкоски, Меџити и Димитриевски на закотвување на Северна Македонија во гранична караула на „српскиот свет“ со максимален дострел „Отворен Балкан“.
Членството во ЕУ е најголемата загроза за политиката на (до)сегашните влади на ВМРО-ДПМНЕ (но и СДСМ) – бидејќи одењето кон Брисел го отвора Скопје за Атина, Софија и Тирана, а не само за Белград како (до) сега. И со тоа кон прашањето на Источниот Медитеран.
За прекривање на темата евро-аспирации на Северна Македонија:
– провладините „путинисти“јавно конвертираат во „трамписти“ за да го прикријат отпорот кон ЕУ која – помагајќи ја Украина – го запира авторитаризмот, бранејќи ги и сопствената и нашата слобода и просперитет;
– се преуредуваат судските инстанци, наместо да се изврши генерален (ре)избор на судии и обвинители – што ќе ги отстрани партиските инсталации во (право)судството;
– се блокира отворањето на темата на перформансите и поведенијата на домашните комерцијални и Народната банка во изминатите деценијаипол-две.
По средбата на шефовите на дипломатиите на САД и Грција, Герипетритис изјави дека „Особено по прашањето на Украина… Европа останува посветена на праведно и одржливо решение за украинскиот народ и… останува обврската на Европа да ја унапреди својата одбранбена инфраструктура. Но поддршката од САД е неопходна.“ За Блискиот Исток „мора да се најде решение кое ќе осигура… безбедност на Израел и иднина за палестинскиот народ за регионот да може да влезе во состојба на долготраен мир“.
Рубио, во таа насока, изјави: „Во текот на средбата… разговаравме што можеме да постигнеме како партнери, НАТО-сојузници и за време на грчкиот мандат во Советот за безбедност на ОН. Исто така дискутиравме за грчките безбедносни и енергетски иницијативи во Источниот Медитеран и можностите за идна соработка“. Можеби и за гасоводот од Александрополис, чија интерконекција со Грција Мицкоски ја услови со продолжување кон северниот сосед?
Според Стејт Департментот „Рубио… го потврди стратешкото партнерство САД-Грција. Грција е ценет НАТО-сојузник и критична за регионалната стабилност…
Кога ќе се види значајноста што Грција, наш сосед, членка на ЕУ и НАТО и членка во Советот за безбедност 2025-26 ја има во овој период од клучно значење и за Европа и за светот, појасно е зошто ВМРО-ДПМНЕ го оспоруваше, а до ден денес (Владата на) Мицкоски прашално го применува Преспанскиот договор: бидејќи и Владата и претседателот на Републиката директно целат на подривање на билатералните односи со Грција и до и по нивниот избор.
Паралелно со намерното одделување на Скопје од Тирана во движењето кон ЕУ-членство и со веќе подриените односи со Бугарија, ова треба да резултира со комплетно запирање на нашиот евроинтегративен пат – со 3 основни цели:
– Нудење на Северна Македонија како простор за пазарење влијанија меѓу Србија и Косово при идното уредување на нивните меѓусебни односи,
– Прекин на „санитарната потковица“ околу режимите на Вучиќ во Србија и на Додик во српскиот етнитет во БиХ – низ Северна Македонија и Унгарија,
– Држење отворени рути на движење на „црни“ пари од земји (од и вон континентот) кои не спроведуваат санкции кон Русија, а треба да се „исперат“ преку „европски“ банкарски системи, вклучително во Северна Македонија.
Северна Македонија ќе мора да го понесе својот дел од товарот:
– во одбраната на европската целовитост низ европска одбранбена политика и систем или
– поради подривањето на европската одбрана како (транс)континентална проекција.
Во овој (започнат) процес нема место за решенија, ликови и политички групации – подготвени да кажат што сака да чуе Брисел, а да го сработат само тоа што ќе го дозволи или нареди Белград.