Доделена државната награда „11 Октомври“ – признание за животно дело во дејности од јавен интерес

По повод 11 Октомври, попладнево во „Кристалната сала“ на Собранието на Република Северна Македонија беше доделена истоимената награда – признание за животно дело во дејности од јавен интерес. Државната награда „11 Октомври“ се доделува како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес.

Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста им беше врачена на актерката Теута Ајдини – Јегени, хорскиот диригент – проф. Летка Димовска – Полизова, како и на продуцентот – промотор на македонската уметност Иво Јанкоски, додека во областа на науката и образованието на машинскиот инженер – проф. д-р Константин Димитров и на хемичарот, академик Глигор Јовановски.

Наградите беа врачени од страна на претседателот на Одборот за доделување на наградата, професор доктор Светозар Антовиќ, декан на Медицинскиот факултет во Скопје, кој пред присутните, меѓу другото, рече дека ова не е само награда, туку и обврска.

– Обврска да се продолжи патот на нашите претци – преку наука, култура, уметност, образование и општествена одговорност. Лауреатите на оваа награда се живи сведоци дека револуционерниот дух не згаснува, туку се преобразува во идеи, дела и вредности што се влог во нашата иднина, истакна Антовиќ.

Тој нагласи дека денес нашата држава претставува вистински пример за мозаик на традиции, што придонесуваат кон нашата богата духовна, културна, научна и уметничка сцена.

– Но, додека се навраќаме на храброста од 1941 година, не смееме да ги игнорираме предизвиците со што се соочуваме денес. Македонија гордо чекори по патот кон членство во Европската Унија, но, тој пат бара напори кон спроведување на системски и институционални реформи, што зависат од сите нас. За да ѝ помогнеме на нашата татковина, сите заеднички треба да работиме кон зголемување на капацитетите на државните институции, кон подобрување на транспарентноста и отчетноста во работењето, кон развивање на демократијата и владеењето на правото, зачувувањето на животната средина и мудро креирање на државните политики. Преку подобрување и негување на образовниот процес, ќе им овозможиме уште подобри услови за работа на нашите вистински амбасадори во светот, а тоа се научниците и културните уметници на нашата земја, додаде Антовиќ.

Порача 11 октомври да биде потсетник дека слободата не се наследува, туку дека таа се заслужува, дека државата е живо ткиво што постојано треба да се негува и сака.

– Овој ден нека биде инспирација за младите да ја сакаат својата земја, да живеат во својата татковина и со истиот ентузијазам што го покажуваат кон современите научни гранки, да ја изучуваат и историјата, традицијата и културата на Македонија. Нека биде повик за сите нас да живееме во взаемна хармонија со почитување на различностите и да го славиме 11 октомври – не како датум, туку како вредност, подвлече Антовиќ.

На настанот, за Ајдини – Јегени беше посочено дека во нејзината долгогодишна кариера, брилијантно се претставува во многу главни улоги, како од домашната, така и светската драматургија, освен во театар, паралелно ѝ се дава можност да биде дел од многу телевизиски серии и во светот на кинематографијата.

За Димовска – Полизова беше нагласено дека е диригентка и достоинствен репрезент, културен амбасадор во афирмација на самобитната национална македонска сакрална и профана култура во областа на музичката уметност и творештво, ширум светот.

За Јанкоски беше подвлечено дека е еден од најпрепознатливите промотори на македонската култура, продуцент и менаџер на проекти со уметници од областа на музиката, филмот, ликовната уметност, операта, балетот, модниот и индустриски дизајн, неговите изданија одиграа важна улога во афирмацијата и популаризацијата на македонската уметност и култура.

За Јовановски беше истакнато дека е еден од најистакнатите во областа на науката во нашата држава, водечки професор од подрачјето на природно – математичките науки, еден од главните протагонисти за развојот на хемијата во земјава и истражувач со врвно меѓународно реноме во областа на структурната хемија.

За Димитров беше кажано дека е водечки авторитет во областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој, со повеќедецениски придонес во науката, наставата, иновациите и јавните политики.

Од името на добитниците на наградата, се заблагодари Димитров.

– Оваа награда е патоказ дека со истрајна работа, со љубов кон татковината и со верба во иднината и ѕвездите се достижни. Нека биде ова поттик за сите идни генерации дека Македонија ќе расте и ќе се издигнува преку знаење, уметност и човечност, рече Димитров.

Back to top button
Close