Доделена наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13. Меѓународно биенале на млади уметници

– Тројца автори ја добија наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13. Меѓународно биенале на млади уметници – „Страст за лутање“. Наташа Неделкова е наградена за видеото „Ткива на идентитет“, за најдобра просторна и видео инсталација е награден Дарко Алексовски, со делото „Never Not in Love/Никогаш незаљубен“, а Дритон Селмани од Косово за скулптурата „No But No (or reverse) / Не но не (или обратно)“.

Оваа одлука едногласно ја донесе жири комисијата во состав Ива Димовски, историчарка на уметноста и ликовните уметници Велимир Жерновски и Јане Чаловски.

Како што соопштија организаторите, со оваа одлука се потенцира потребата од поголема изложбена застапеност на младите автори во музеите, поддршка во развојот на нивната уметничка пракса и потенцирање на потребата за уште посуштинско и критичко промислување на темите, кои овие автори во овој момент се подготвени да ги отворат и споделат со публиката.

– Земајќи го ова предвид, жирито им честита на сите учесници на годинашната изложба и го потенцира високото ниво на продукција и концепциска релевантност кај изложените дела. Исто така, жирито сака да ја потенцира суштинската поврзаност на концептот „Страст за лутање“ (под кураторство на Артан Садику, Јованка Попова, Благоја Варошанец и Ива Димовски) со ефектниот модел на локациска дисперзија на биеналето со што се анимираат нови можности за презентација на делата и анимација на публиката, се посочува во соопштението.

Наградените автори ќе имаат можност да остварат самостојна изложба во Музејот на современата уметност во Скопје во 2022 година, со средства што ќе бидат обезбедени од годишната програма на Министерство за култура.

Back to top button
Close