Доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство

Церемонијата за доделување на Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2025 се одржа во четврток, 6 ноември во Скопје на која беа наградени најдобрите стории објавени во Македонија во 2024 година. Престижната награда поддржана од Европската Унија ги препознава најдобрите истражувачки стории објавени во претходната година во земјите од Западен Балкан и во Турција, а координатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
– Advertisements –
„Вечерва сме тука да ги препознаеме оние што преку нивната храброст и професионализам го почитуваат правото на јавноста да знае. Се надевам дека денешните награди ќе инспирираат нови стории, нови истражувања и обновена посветеност за слобода на печатот насекаде“, рече амбасадорот Рокас.
Претседателот на жири-комисијата Валентин Нешовски даде увид во процесот на селектирање на пристигнатите апликации и темите кои биле истражувани.
„Од името на жирито и од името програсивната и објективната јавност која ги цени вашите напори, ви благодарам вам на новинарите кои така посветено разобличувате несоодветности, аномалии и девијации во општеството.
А потоа им благодарам на претставниците од Европската Унија кои го сфаќаат суштинското значење за потребата од поддржување вакви награди.
Вакви награди се без никакава задршка – апсолутно потребни“, рече Нешовски.
По говорите беше претставена жири-комисијата која ја сочинуваа Валентин Нешовски, Соња Колевска-Делевска и Огњен Зориќ.
Победниците на кои сертификатите им ги доделија амбасадорот Рокас и претседателот на жири-комисијата Нешовски беа прогласени во следниот редослед:
3. место:
Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Досие Крмзов – Епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“ од емисијата КОД, ТВ Телма која истражува финансиски криминал со мрежа на фирми кои испумпувале пари од државниот буџет.
2. место:
Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Александра Денковска, Трифун Ситниковски, Александар Јанев и Давид Илиевски (Истражувачка репортерска лабораторија) за сторијата „Украдени животи“ која ја открива шемата за крадење идентитети со цел подигање брзи кредити на туѓо име.
1. место:
Александар Димитриевски и Михаил Милошевски за сторијата „По трагите на Јулија“, која го истражува скандалот со „лажната“ диплома за англиски јазик на шефот на тајната полиција.
По доделувањето на наградите победниците имаа можност да одржат краток говор:
„Владеењето на правото е израз кој кај нас лесно се заборава. Се надевам дека сите стории, независно од нивниот епилог, дека оставаат порака кај сите што допрела, дека владеењето на правото не е само израз…“, рече Александар Димитриевски од 360 степени.
„Сакам да се заблагодарам на жирито, второ на сите колеги кои работеа, а не се тука на сцената и трето за овој случај има 43 обвинети, сега случајот е во истрага, но за жал сите измамени граѓани се уште се должници во кредитно биро оти судството се уште не си ја завршило работата. Се надевам дека работат побрзо за да ги заштитат своите граѓани во иднина“, рече Александра Денковска од ИРЛ по примањето на втората награда.
„2024 беше прилично добра година од аспект на истражувачко новинарство, може да ми текне барем на 7-8 стории кои беа одлични. Навистина сум почестен што сме во тоа друштво. Истражувањата за финансиски криминал немаат многу простор во дневното новинарство и затоа драго ми е што имав време да го сработам тоа“, рече Срѓан Стојанчов од тимот на КОД.
За Наградата на Европската Унија за истражувачко новинарство
ЕУ наградата за истражувачко новинарство е координирана од Томсон медија, а во Македонија имплементирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како дел од проектот „Зајакнување на квалитетот на вестите и независното новинарство на Западен Балкан и во Турција 2“. Проектот е финансиран од Европската Унија, а спроведуван од конзорциумот составен од Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) – Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) – Турција, Томсон Медија (ТМ) – Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) – С. Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) – С. Македонија, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) – Црна Гора и Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово).






