Доделени национални признанија за врвни постигнувања на 20-ина македонски спортисти
Со признание се стекнаа поранешните фудбалери Горан Пандев, Дарко Панчев и Илија Најдоски, поранешните кошаркари Петар Наумоски и Перо Антиќ, а од областа на ракометот признание добија Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска-Муратовска, Клара Боева
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски денеска им доделија национално признание за врвни достигнувања во спортот на дваесетина македонски спортисти – фудбалери, кошаркари и ракометар(ки) – кои во своите кариери во спортските клубови ги освоиле Евролигата и Лигата на шампиони.
Со признание за врвни достигнувања во спортот се стекнаа поранешните фудбалери Горан Пандев, Дарко Панчев и Илија Најдоски, поранешните кошаркари Петар Наумоски и Перо Антиќ, а од областа на ракометот признание добија Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска-Муратовска, Клара Боева.
На прес-конференција по свечената церемонија на доделување на признанијата во Владата, премиерот Мицкоски ги нарече спортистите „спортски јунаци“, кои го оставиле своето срце на теренот и за време на својата кариера постигнале светски резултати, на тој начин промовирајќи ја својата татковина.
„За нас е многу важно како држава во срцето на Балканот, би рекол, малобројна, да победуваме не само дома, туку секаде низ светот. Да победуваме со знаење, со наука, со квалитетна дипломатија, со силни аргументи, со многу ум. Мора секогаш да бидеме најмалку двојно поуспешни од сите оние поголеми народи. А овие титани со кои пред малку имав можност и чест да се дружам, покажаа дека и повеќе од тројно, некогаш и повеќе од тоа биле посилни и покомпетитивни, поинспирирани и помотивирани да постигнат врвни европски резултати во своите клубови во коишто играле, а на тој начин да ја промовираат својата татковина. Дел од нив тоа го направиле со македонски клубови, дел од нив тоа го направија играјќи за клубови од други земји во Европа“рече Мицкоски на прес-конференцијата по доделувањето на националните признанија.
Прашан зошто национално признание не било доделено на спортист Албанец или на спортист од друга етничка припадност, премиерот рече дека освен овие имиња нема други кои освоиле Лига на шампиони или Евролига.
Додаде дека признание, меѓу другите, денеска ѝ било доделено поранешната македонска репрезентативка Анжела Платон, која во меѓувреме се стекнува со македонско државјанство.
„Ова се спортисти коишто забележале врвни резултати во своите клубови, во клупските натпреварувања натпреварувајќи се во Европа, и тоа исклучиво зборуваме за Лигата на шампиони или во Евролигата во кошарка. Да речеме, и покрај тоа што РК ‘Вардар’ има двапати освоено Лига на шампиони во ракомет, Кире Лазаров преку друг клуб ја освојува таа Лига на шампиони. Истото го има направено и Перо Антиќ или, пак, фудбалските легенди Дарко Панчев, Горан Пандев и Илија Најдоски. Што се однесува до индивидуалните пензии за постигнати вонредни спортски резултати, тука многу внимавав затоа што јас ги прочитав тие зајадливи натписи објавени во текот на вчерашниот ден од страна на одредени медиуми, претпоставувам брифирани од некои опозициски партии, коишто имаат и во вакви моменти политички пораки на поделба. Затоа сакам да споменам дека во индивидуалните спортови такви врвни резултати коишто се наградени со ваков тип на спортска пензија, 47 проценти се Македонци, повеќе од 20 проценти се Албанци и останатите“,додаде премиерот.
Мицкоски изрази уверување дека набрзо од денеска во земјава ќе има други, како што ги нарече, јунаци, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми, кои е ја промовираат Македонија во индивидуални или колективни спортови, постигнувајќи врвни резултати и освојувајќи ја Лигата на шампиони, Евролигата или освојувајќи медали на Олимписките игри, светските и европските првенства.