Доделени награди за вработени во градинките во Центар
Општина Центар и годинава додели награди и пофалници за најдобри воспитувачки, негувателки, соработници и помошно-технички персонал од градинките, според критериуми за вреднување на нивната работа согласно Записникот со предлози доставен од општинската Комисија за спроведување на постапката за доделување награди.
Наградени се 12 вработени во четири категории кои добиваат една просечна месечна нето-плата во државата исплатена во претходните три месеци.
Настанот се одржа во матичниот објект на градинката „13 Ноември“, а беше организирана и изложба на тема „Деца уметници во центарот на Скопје“, на која беа изложени уметнички дела изработени од децата од градинките во општина Центар.
Градоначалникот Саша Богдановиќ истакна дека образованието во раното детство има клучна улога во формирањето на интелектуалниот, емоционалниот и на социјалниот развој кај децата и дека како локална самоуправа водат грижа за развивањето и реализирањето разни форми на сoцијални активности што имаат цел да овозможат унапредување на системот за предучилишно образование и воспитно-згрижувачката работа во градинките.
– Од тие причини сакаме да ги мотивираме сите учесници во згрижувањето, негата и воспитувањето на децата што посветено работат за поквалитетно предучилишно образование и правилен ран детски развој. Им честитам на наградените и верувам дека и понатаму ќе продолжат да имаат клучна улога во воспитувањето на нашите деца, истакна Богдановиќ.