Доделувањето на Меѓународната награда за мир на Вестфалија за Преспанскиот договор за Заев и Ципрас поради Ковид-19 одложена за 2021.

Поранешните премиери на Северна Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас се овогодишни добитници на Меѓународната награда за мир на Вестфалија, со која им се дава признание за Преспанскиот договор со кој е постигнато решение на спорот за името, но доделувањето поради Ковид-19 се одложува за 2021 година.

Наградата првично требаше да им биде доделена на 19. септември, во рамки на Самитот во Минстер, каде што на посебна панел дискусија требаше да се обратат двајцата поранешни премиери.

-По внимателна проценка и со тешко срце бордот на директори на Економската заедница на Вестфалија и Липе одлучи да ја одложи овогодинешната церемонија поради пандемијата на корона, појасни Рајнхард  Зинкан, претседавач на Заедницата.

Урсила вон дер Лејен, претседателка на ЕК, веќе се согласи да одржи говор во чест на Заев и Ципрас.

-Од аспект на безбедност за одржување поголеми настани, едноставно немаме соодветни услови за одржување на ваква церемонија на потребното ниво, како што досега беше пракса, истакна Зинкан. Како алтернативни датуми се разгледуваат 28 август или  2 октомври 2021 година.

Добитниците на наградата биле телефонски контактирани и тие, како што се наведува во соопштението изразиле жалење, но и разбирање за одложувањето.

Заев изјавил дека тој е мошне почестен од наградата и дека таа во македонската јавност е перцепирана како мошне важен сигнал.

-Овие времиња на големи заеднички предизвици ја потенцираат потребата од зголемување на соработката истакнал Заев.

-Алексис Ципрас и Зоран Заев постигнаa дипломатски подвиг со постигнатиот договорот за повеќедеценискиот конфликт околу името на Македонија, давајќи многу значаен придонес за стабилноста на целиот балкански регион’ изјави Зинкан кога ги прогласи добитниците Заев и Ципрас.

Во образложението Зинкан тогаш нагласи дека и двајцата сега поранешни шефови на влади ги ставиле политичкиот контекст и иднината пред личните политички кариери.

-Без Ципрас и Заев, прашањето околу името немаше да се разреши и меѓусоседскиот спор ќе продолжеше да го дестабилизира целиот Балкански регион, рече тогаш Зинкан.

Меѓународната награда за мир на Вестфалија е воспоставена во 1998 година од Асоцијацијата на претприемачи на Вестфалија и Липе и се доделува на секои две години. Меѓу досегашните добитници на ова угледно признание се Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Курт Масур, Карла дел Понте, Кофи Анан, екипажот на Меѓународната вселенска станица, балтичките држави итн..

Паралелно со доделувањето награди на личности или претставници на држави за нивната мировна работа во Европа и светот, наградата се доделува и на млади луѓе кои поставиле пример за политичко, социјално и еколошко помирување. Годинава, покрај Заев и Ципрас, добитник на младинската награда е иницијативата Plant-for-the-Planet.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close