Додик: Ако бидам осуден, Република Српска ќе прогласи независност
Лидерот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека, доколку биде осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина, ќе преземе чекори за отцепување на Република Српска од БиХ.
–Ако дојде таква одлука, веднаш ќе има одлука на собранието за отцепување и референдум за независност на РС, изјави Додик во интервју за РТРС.
Додик е обвинет од февруари 2024 година за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит. Доколку биде прогласен за виновен, се соочува со затворска казна до пет години, што автоматски би значело негово отстранување од претседателската функција.
Во интервјуто, Додик изрази уверување дека „светата задача“ на Република Српска е да ја напушти БиХ. Според него, членството на БиХ во Европската унија би значело укинување на РС, што тој категорично го отфрла.
Додека јас сум на власт, тоа нема да се случи. Влезот во ЕУ значи исчезнување на Република Српска, нагласи тој.
Покрај тоа, Додик најави дека размислува за повлекување на РС од учеството во реформите што би ја приближиле БиХ кон Европската унија.
Додик доби дозвола да не учествува на судењето до 29 јануари поради закрепнување од операција извршена во Белград минатиот месец. Сепак, тоа не го спречи да даде интервју, во кое ја засили својата реторика за отцепување и независност. (Racin)